Покана за средба од премиерот Никола Груевски до лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски
Покана од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, до претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, г-дин Бранко Црвенковски, за одржување на лидерска средба
Почитуван г-дин Црвенковски
Република Македонија во рамките на својот државно правен развој се соочувала со предизвици од различен карактер, кои со мудро и одговорно однесување успевала да ги надмине и да извлече позитивни пораки, а притоа и да стане посилна.
Во контекст на предизвиците кои се поставени пред нас, а кои бараат наше одговорно и сериозно поставување, како и внимание и заштита на државните интереси, како и интересите на сите граѓани на Република Македонија, би сакал да ја истакнам потребата од остварување на заедничка средба на која би се дискутирале прашањата од интерес и потреба.
Со овој допис би сакал да Ве поканам утре, вторник 22.01.2013 година, да оствариме средба во просториите во Клубот на пратениците со почеток во 13:30 часот, на која би можеле да поразговараме околу видувањата за изборите, за согласно принципите и уверувањата, како и утврдените демократски стандарди да изнајдеме решенија за учество на Социјалдемократскиот сојуз на претстојните избори.
Република Македонија спроведува реформи и проекти и мерки на сите полиња, а се наоѓа и во еден динамичен и интензивен евроинтеграциски процес, и како политички лидери треба да го вложиме својот авторитет за да овозможиме негова поддршка и развој на нашата земја, и ние тоа им го должиме на граѓаните.
Со почит,
Претседател на Владата на
Република Македонија
Никола Груевски