Годинава 500 лекари и сестри на доедукација во странство
Триесет до четириесет специјалисти годишно ќе бидат испраќани на доедукација во клиники во Хамбург и Нирнберг на обуки од еден до три месеци за што тие треба да знаат англиски или основен германски јазик. Дваесет специјалисти годишно ќе бидат испраќани на обуки од четири до 12 месеци, за што тие треба да знаат германски јазик. Се овозможуваат и специјализации во траење од пет, шест или седум години на македонски лекари во двете клиники.
Ова е предвидено со двата меморандума за соработка кои министерот Никола Тодоров ги склучи при неговата неодамнешна посета на овие два врвни медицински центри во Германија во кои има голем број врвни специјалисти кои ги изведуваат сите интервенции.
- Во Македонија на огласите кои ги објавивме се пријавија 20 лекари кои знаат германски јазик и тоа ќе биде првата група лекари која ќе биде испратена во Хамбург и во Нирнберг на подолг престој - од четири до 12 месеци за методи кои не се работат во Македонија или за области за кои треба сериозно доусовршување, истакна Тодоров денеска на прес-конференција.
Она што го договорено за време на посетата, посочи тој, е многу значајна работа за македонскиот здравствен систем особено во правец на подигнување на нивото на знаења и вештини на македонските лекари.
- Се овозможува и во Хамбург и во Нирнберг да имаме меѓу 150 и 200 лекари, што е огромна бројка. По нивното враќање во Македонија тие значително ќе го променат нивото на квалитетот на македонското здравство, ќе донесат нови знаења и вештини кои ќе ги применуваат во нивната работа. Во двете клиники се испраќале и се испраќаат лица за интервенции кои не можат да се извршат во Македонија, рече Тодоров.
Тој укажа на значењето на доедукациите и промената на пристапот и на ставовите на македонските лекари, нешто за кое, како што рече, во минатото не се посветувало доволно внимание.
- На тој начин ќе направиме промена на свеста и пристапот кон работата и кон колегите и кон пациентите кое е на многу високо ниво во двете клиники. Таму работат од 7 до 19 часот, а многу често остануваат и подолго. Тоа е многу силна посветеност кон пациентите кое треба да го земеме како добар пример, додаде министерот за здравство.
Укажувајќи на една од новините утврдена со новиот Закон за медицински студии и континуирана медицинска едукација, рече дека во Законот се предвидуваат одредби со кои се обврзани лекарите од Македонија да имаат континуирана медицинска едукација која ќе биде обезбедена од државата која ги покрива сите трошоци - за пат, сместување и 500 евра месечна финансиски надомест и си ја добиваат платата што ја добивале во Македонија.
- Во Законот е предвидено дека секој кој ќе отиде на едукација во странство има право во наредниот период кој е три пати подолг од оној во кој биле на обука во странство да добива 10 проценти повисока плата. Тоа значи ако испратиме еден лекар на едукација во траење од три месеци по неговото враќање во наредните девет месеци тој ќе зема 10 проценти повисока плата. Тоа е дополнителна мотивација за сите лекари од Македонија да ја прифатат оваа понуда од државата за нивна доедукација, истакна Тодоров.
Преку ваквите можности, нагласи тој, ги спасивме лекарите од тропањето по врати на веледрогериите и барање на средства за нивна доедукација.
- Досега обуките се одвиваат со задоволителна динамика. Досега имаме 89 лекари испратено на специјализација. Планот за оваа година ни е 500 лекари и сестри - над 300 лекари и околу 200 сестри кои ќе одат на доедукација во некои од овие центри во Германија, Турција, Австрија, САД и Канада. Очекуваме дека во наредните три или четири години коренито ќе го промениме пристапот кон работата, нивото на знаење и вештини во јавното здравство во Македонија, додаде министерот Никола Тодоров.