Mинистерството за земјоделство со подвижна канцеларија во Неготино и Демир Капија
Подвижната канцеларија на Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од денеска и средината на март ќе престојува во населените места на општините Неготино и Демир Капија.
Раководителот на подрачната единица на Министерството во Неготино Златко Пенков денеска информираше дека во оваа канцеларија сите заинтересирани ќе можат да ги добијат потребните информации од областа на земјоделството.
- Во местата каде што има до 200 жители канцеларијата ќе престојува 1 ден. Два дена ќе биде на располагање во селата со 200 до 600 жители. Ако бројот на население е над 600 лица во некое населено место, таму канцеларијата ќе остане три дена, појасни Пенков.
Тој рече дека се стартува со селото Црвени Брегови, а подвижната канцеларија има за цел информациите од земјоделството да бидат подостапни до секој човек и во најодалечните краеви на општините.
- Заинтересираните ќе можат да добијат евидентни листови за производство на тутун. Овозможуваме да се запознаат со мерките за субвенционирање, руралната програма, актуелностите од сферата на земјоделството, истакна Пенков.
Во канцеларијата ќе работат најмалку по двајца вработени во подрачната единица, а по потреба дополнително ќе се вклучат и вработени од Агенцијата за поддршка на развојот во земјоделството и од Државниот инспекторат за земјоделство.