Министерот Попоски се сретна со претседателот на МАНУ Камбовски
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска имаше работна средба со претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) Владо Камбовски и други членови на Академијата.
Како што соопшти МНР, на средбата беа разменети мислења за актуелните прашања и приоритети во македонската надворешна политика за 2013 година, при што посебен осврт беше направен во делот на регионалната соработка, како и на процесите и фазите за евроатлантската интеграција на Република Македонија.
Заеднички беше повторен интересот за скорешно потпишување меморандум за соработка меѓу МНР и МАНУ. Овој документ, како што се наведува, ќе биде основа за продлабочена соработка во искористување на научно - стручните капацитети на двете институции, во насока на уапредување на едукативни и истражувачките активности, за помош и поддршка во апликативни активности, т.е. заеднички настап и учество на истражувачки проекти, размена на искуства, знаења и достапност на сознанија произлезени од спроведени научни истражувања, взаемно користење на стручна литература од библиотечниот фонд на двете институции, заеднички организирани тркалезни маси, семинари и други форми на соработка.