Промоцијата на виното на странските пазари со одлични резултати
Извозот на македонското вино на странските пазари бележи континуиран раст. По 2011 година која беше забележана како рекордна по пласманот на вино во последните 20 години, бројките велат дека количината на извезеното вино и натаму расте. Потврда за тоа даваат и податоците за минатата 2012 година во која извозот на виното е зголемен за околу 18 отсто, а остварениот девизен прилив за 25 проценти споредбено со претходната година.
Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски при денешната посета на винаријата „Визба Валандово“.
Според него, ваквиот тренд продолжува и оваа година. - Ние целата квота за извоз на наливно вино на земјите од Европската Унија, заклучно со четврти февруари, веќе ја исполнивме. Значи, подобар индикатор за тоа дека веќе над 30 милиони литри вино се пласирани на пазарот од Европската Унија нема“, рече Димовски.
За производителите на вино, покрај високиот квалитет што македонското вино го има, многу значи и поддршката која тие ја добиваат од страна на Владата во делот на промоцијата надвор од нашите граници.
- Без добар маркетинг нема никогаш да добиеме повеќе отколку што имаме сега. Значи, во маркетингот, ако сакаме напред, треба сите сили да ги вклучиме, рече Вита Хузјан од „Визба Валандово“.
Следната голема промоција на македонските вина ќе биде во Москва, на меѓународниот саем за пијалоци „ПРОДЕКСПО“, кој започнува утре. За овој саем, кој важи за еден од најголемите во Руската Федерација, Министерството за земјоделство обезбеди штанд од 56 метри квадратни на кој ќе учествуваат шест македонски компании.