Доделени првите електронски картички за превоз на опасни материи
Стручната оспособеност на превозниците на опасни материи во домашниот и во меѓународниот патен сообраќај ќе се потврдува со електронски картички. Први такви картички на македонски превозници денеска додели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Воведувањето систем за изработка и издавање унифицирани сертификати е врз основа на Европската спогодба за меѓународен патен превоз на опасни материи - АДР, чиј потписник е Република Македонија.
АДР картичката согласно Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај е задолжителна за превозниците кои вршат внатрешен или меѓународен превоз на опасни материи. При нивната изработка се запазени сите меѓународни пропишани стандарди и имаат ист формат како и европските национални возачки дозволи. Новите сертификати покрај чипот на самата картичка дополнително имаат ултравиолетов текст, поради високо ниво на заштита, како и специфични ознаки.
Според Јанакиески, со новите сертификати ризикот од досегашната негативна пракса од злоупотреба и генерирање фалсификати се сведува на минимум, а за превозниците ќе значат поедноставна и побрза проверка на нивната валидност и исправност при контрола и во матичната држава и во странство.
- Поставувањето ваков систем е со цел да се воведе и одржува електронски регистар на валидни сертификати и е задолжителен за секоја земја потписничка на АДР спогодбата, предвидено со нејзините измени што стапија во сила на почетокот на годинава. По извршените проверки во неколку земји од страна на генералниот секретаријат на ИРУ и Европската комисија е заклучено дека старите стандарди може да доведат до грешки, неусогласеност помеѓу положените обуки и издадените сертификати, како и до злоупотреба на веќе издадените сертификати, рече Јанакиески.
Република Македонија, истакна, е прва држава во регионот што воведува електронски картички за превоз на опасни материи.
Превозниците што веќе извадиле сертификат во хартиена форма ќе можат да ги заменат со електронска картичка по истекот на важноста.
Министерството за транспорт и врски, информира Јанакиески, изработило и софтверско решение со кое се применува систем за издавање, евидентирање и контрола на регистри на одобренија за вршење превоз на опасни материи во патниот сообраќај, на АДР сертификати за обука на возачи за таков превоз и на советници за безбедност при превоз на опасни материи.