Груевски: Нема договор за предвремени парламентарни избори
Нема договор за предвремени парламентарни избори, е пораката што ја упати премиерот Никола Груевски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ по денешното потпишување на Декларацијата за заедништво, партнерство и локален развој во пресрет на претстојните локали избори на лидерите и претставниците на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“.
Декларацијата, потенцира во обраќањето по овој повод премиерот Груевски, е вредност на пријателските и партнерски односи што се градени во целиот овој долг и полн со предизвици период.
- Додека други коалиции се ситнеа и се престројуваа, ние останавме сплотени и единствени во нашите намери и цели, обврзани околу заедничката програма и проекти кои заедно ги спроведуваме сиот изминат период, рече тој и додаде дека со Декларацијата продолжуваат на следните локални избори, во обидите да се добие и засили довербата кај граѓаните, а врз основа на проекти и ветена програма за секоја општина поединечно. За предизвиците кои се пред нас, подвлече Груевски, секогаш зборувам отворено исто како и за нашите ставови и позиции по бројни прашања, како што рече, секогаш свесен за последиците со добра и внимателна анализа за сите аспекти и алтернативи.
- Важно е да имаш цел, приоритети, стратегија, но најважно чесен и лојален пристап кон граѓаните и државата, како и кон нивните интереси, рече премиерот и лидер на ВМРО - ДПМНЕ.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по претходни анализи и дискусии, а свесни за состојбата во која не донесе неодговорното однесување на опозицијата, како што рече Груевски, а посебно на нејзиниот лидер кој ја става во залог државата за да ја спаси сопствената политичка кариера и прави огромни штети на нашата држава, донесе одлука во која силно верува, а тоа е дека случувањата во Парламентот треба да се разрешат, односно да се најде начин преку дијалог да се создадат услови со кои ќе се превенираат вакви случаи, односно нема да се дозволи да се повторат.
- Ние и покрај нашите забелешки кои јавно ги искажавме, ја поддржавме идејата на претседателот Иванов за формирање ат хок комисија која ќе даде препораки, меѓу другото, и околу процедурите и Деловникот во Собранието и нивната конзистентност со Законот за Собрание. Потоа, менаџирањето со безбедносните служби во Парламентот, безбедноста и околу Парламентот, стандарди за присуство на медиумите во Парламентот итн. Ние немаме од што да се плашиме и што да криеме. Ние знаеме дека сме во право и затоа оваа идеја ја прифаќам со добра волја, изјави премиерот Груевски.
Во контекст на изразување двосмислена волја за фер и демократски избори, Груевски упати јавна покана за меѓународен мониторинг за претстојните избори во број во кој тие сметаат дека е потребен со цел да имаат појасна слика за состојбите.
- Почитување на поделбата на партиските структури и извршна централна и локална власт по сила на закон веќе се случува, но сакам да истакнам оти процесот на вработување во јавната администрација е стопиран и до крај на изборите нема да продолжи без разлика на обидите за манипулација од страна на некои опозициски градоначалници, посочи Груевски.
Тој ја нагласи и подготвеноста за прифаќање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во делот на локалните избори согласно меѓународните стандарди и практики доколку постои се уште нешто што не е прифатено, а е пракса во најголемиот дел од европските држави. Изразена беше и подготвеност за продолжување на дијалогот со Здружението на новинари во Македонија со цел активно да се поддржи улогата и значењето на слободата на медиумите како столб на демократијата и тоа преку остварување на препораките од високиот пристапен дијалог кои ги допираат најзначајните теми поврзани со работата на новинарите.
- Сметаме дека овој пакет што го нудиме е значаен и суштински повеќе од доволен опозицијата да се врати во политичките процеси и да излезе на локални избори. Овој пакет се осврнува на сите нивни грижи истакнати во јавноста целиот овој изминат период, потенцираше Груевски, со апел до опозицијата да ја прифатат, како што рече, оваа подадена рака.
Според Греувски повеќе од 70 проценти од граѓаните се против предвремени парламентарни избори, а во мандатот од 6,5 години, потсети, се одржани три парламентарни избори, а опозицијата со своето несериозно однесување пред само две години, со истите овие трикови и теми, како што рече, изнуди предвремени избори и беше поразена.
- На секои два месеца тие со нешто се закануваат, повикуваат на избори, блокираат улици, креираат хаос, а не нудат програма, само сакаат да дојдат на власт. Најдоа најлесно решение за нивната неможност да ја добијат поддршката од граѓаните и рекоа - народот греши, опозицијата не е виновна, туку ние сме биле диктатори или режим, а тие биле отпор. Немам што да кажам сериозно околу ова освен - Бог да чува, изјави претседателот на Владата и лидер на ВМРО - ДПМНЕ. Со пораката дека нема договор за предвремени парламентарни избори, Груевски дециден дека ќе продолжат со реализација на ветувањата кон граѓаните.
Тој уште еднаш ја повика опозицијата да излезе на локални избори кои ќе бидат организирани во фер и демократска атмосфера, по сите меѓународни стандарди и да види дали народот им верува и ги поддржува нивните, како што рече, трикови и навреди. Груевски оцени дека на народот му е потребна сигурност, програма и нејзина реализација, со што ќе им се подобри квалитетот на животот, а не излитени фрази и создавање хаос.
- Додека тие ги возат скапите коли по улиците во овие месец дена, ние реализиравме повеќе десетици проекти. Донесовме одлука да бидат отпишани сите долгови на компаниите кои се настанати по основ на камата за неисплатени придонеси, Владата за 2013 година издвои 100 милиони евра за изградба и реконструкција на над 320 километри локални и регионални патишта, модернизација на автопатот Велес - Катланово, градба на автопатот Демир Капија - Смоквица, подвлече Груевски.
Тој наброја поголем број проекти кои се реализирани, како што е бесплатно болничко лекување за сите пензионери со пониска пензија од просечната, болничко лекување во странство со партиципација најмногу до 200 евра од страна на пациентот, зголемени се стипендиите за средношколците, како и стипендиите за студентите - деца без родители. Меѓу проектите, ги спомена и неповратните грантови за самовработување и отворање бизнис за 1000 лица, субвенциите за вработување лица со инвалидитет, финансиска поддршка за вработување деца без родители во приватниот сектор. Спомена и дека Владата ќе покрива 50 проценти од трошоците за отворање бизниси во селата, дека се зголемени средствата за привлекување странски туристи за 20 проценти, зголемена е финансиската поддршка од државата за „Купи куќа, купи стан“ наместо досегашните 50, сега се даваат 75 проценти, има нови возила за итната помош, донесена е одлука за почеток на изградба нови станови за лица со социјален ризик, но и комерцијални станови по пониска цена...
- Ова се само дел од проектите, мерките и политиките кои ги реализиравме и кои ги започнавме во овие месец и половина, а има уште многу други. Додека од опозицијата ги возат скапите коли по улиците, ние реализиравме проекти. Тоа е мојата порака до нив, нагласи Груевски.
Во однос на актуелната состојба во државата, премиерот Груевски потсети на постапките и делата во изминатиот период на ВМРО - ДПМНЕ.
- Кога пркосевме и при најголемите притисоци, кога опстојувавме и при најсериозните закани, тоа го правевме затоа што верувавме, затоа што сакавме да работиме за доброто на државата и на граѓаните, да потсетуваме и на бројните примери од нашето минато за тоа додека верувале и исправале глава, која не била пресечена, напротив, тоа исправање било инспирација за цела генерација, станало мит и столб на цела една нација. Да не бил тој пркос и храброст низ нашата историја, досега се би било поинаку и би било полошо, рече во обраќањето премиерот. Веруваме, истакна, во исправноста на нашите постапки, но имаме и грешки.
- Јас сум Македонец, ако сум направил гршка, ја гледам, ја прифаќам и правам максимум да ја поправам. Јас сум Македонец, а ние Македонците не ја следиме историјата, ние ја создаваме. Сега се наоѓаме во доста сложен момент во нашата понова историја. Опозицијата најавува бојкот на изборите, правејќи опасен преседан, создава хаос насекаде, го руши имиџот на земјата надвор одработувајќи срамна агенда преку нивниот лидер, рече Греувски.
Тој информира дека првпат во последните пет години се најавува негативен извештај на ЕК за Македонија, а можно е дури, како што подвлече, и губење на препораката за членство во ЕУ.
- Исправени пред голем број предизвици, сепак, имајќи ги предвид сите околности, ние нема да наведнеме глава, ја исправаме главата гледајќи им в очи на сите оние кои сакаат да наштетат и подготвени сме да ја носиме својата одговорност за тоа во што веруваме, а веруваме дека Македонија по ова ќе излезе многу посилна, постабилна и поединствена, дециден беше премиерот Никола Груевски по потпишувањето на Декларацијата.