Годинава се очекува квалитетна реколта грозје и успешен пласман на домашното вино
Богата, многу квалитетна реколта грозје и исклучителено успешен пласман на домашното вино очекува годинава министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
Димовски, кој денеска присуствуваше на традиционалното закројување лозови насади по повод празникот Св. Трифун во селото Курија, Неготинско, напомена дека повеќе од евидентно зголемениот квалитет на грозјето во изминативе години драстично се одрази врз пласманот на виното и неговото позиционирање на странските пазари.
- Како потврда дека и оваа година ќе биде навистина успешна зборува податокот според кој целата извозна квота од Македонија за ЕУ е исполнета уште на 4 февруари, истакна министерот.
Ова, додаде, меѓу другото е резултат и на владината поддршка, обезбедувањето учество на светските саемски манифестации, на претставувањето на македонското вино пред пребирливите купувачи во Кина, Русија, Германија... Допрва се очекува склучување сериозни договори за испорака на флаширано македонско вино за кое лани исто така беше исполнета квотата за извоз во ЕУ.
Индикатор повеќе за квалитетот на македонското вино е извозот во 2011 што беше најголем во споредба со претходните 20 години. Во 2012, пак, она што беше зголемување за 38 отсто во 2011, порасна за дополнителни 12 проценти.
- Целта на Министерството е што повеќе да го поттикнува овој сектор пред се поради две клучни причини, социјалниот аспект, но и економските ефекти, нагласи Димовски.
Според него, при креирањето на поддршката Владата одвои значителни средства за подигнување нови насади трпезно грозје, но, сепак, основната политика останува фокусирана на винското.
- Навистина можеме да бидеме задоволни од досега сработеното. Во соработка со производителите и винарските визби ги премостивме и непријатните ситуации кои се случуваа изминатиот период, рече министерот.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со „Винеа“, Димовски подвлече дека Министерството цврсто стои зад барањата на лозарите. Како што најави, за утре е закажана средба со оштетените од визбата и нејзините претставници на која треба да се додефинира исходот.
- Ќе настојуваме долгот кон лозарите да биде исплатен во целост согласно законот до крајот на април годинава. Грозјето мора да биде исплатено особено зашто не се работи за голема сума, истакна ресорниот министер.
Министерот Димовски по закројувањето на лозјата на „Тиквеш“ во село Курија замина на истата оваа традиционалната манифестација во визбата „Стоби“.