Попоски: Опозицијата ја загрозува европската агенда
Сметам дека имаме причина да бидеме загрижени, особено со оглед на фактот дека во онаа комуникација и оние пораки кои беа упатени досега најголемата опозициска партија не испрати порака дека ја става европската агенда на земјата на повисоко ниво отколку личните агенди и аспирации. Јас се надевам дека сите инструменти ќе можеме да ги искористиме за да имаме придвижување во позитивна насока.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски на новинарско прашање во врска со писмото од меѓународната заедница во кое се изразува загриженост за состојбата во земјата. Според него, пораките се јасни и тие не оправдуваат бојкот на локалните избори.
- Од сите оние пораки кои ги слушнавме изминатиот период од европските претставници и од меѓународната заедница е дека не смее да се игнорираат институциите, дека во демократија различностите меѓу ставовите се изразуваат во рамки на институциите и дека не постои никакво оправдување за бојкот на изборен процес. Во овој случај имаме редовни локални избори и не можеме да наидеме на разбирање за каков било бојкот на таков изборен процес, кој е предвиден согласно онаа демократска агенда која ја имаме за организирање локални избори. Сметам дека тие се клучните пораки, рече Попоски по средбата со црногорскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и евроинтеграгија Игор Лукшиќ.
Според него, треба да бидеме загрижени бидејќи се работи за загрозување на нашата европска агенда поради неодговорно однесување, но смета дека секој треба да ја сноси одговорноста за тоа како се однесува и дали е во согласност со тоа што е воспоставена европска норма.
На прашањето кој ќе го води Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН) и дали тој ќе продолжи со оглед на последните настани, тој рече дека во тој поглед поставена е нормата, а тоа се претседателот на Владата од една страна, комесарот Филе од друга страна со сите оние учесници кои се дел од процесот.
- Целта беше преку ПДВН да овозможиме поголема концентрација на оние клучни реформи за кои остваривме забележителни резултати кои беа препознати од страна на ЕК и за кои беа дадени највисоки оценки. Како последица од тоа е најпозитивниот досега извештај на Европската комисија со препорака за почеток на преговорите. За нас ПДВН не е замена за преговорите. Она што го очекуваме е да почнеме преговори. Во меѓувреме, комуникацијата не е прекината. Таа се одвива на дневно ниво бидејќи ние имаме Акциски план, кој произлегува од сите оние резултати кои ги испорачавме за пристапниот дијалог. Не сметам дека тоа во овој случај треба да биде ставено под знак прашање, особено со оглед на фактот дека ние пристапуваме како земја, не пристапуваме како платформа за разговор во која било форма, рече шефот на дипломатијата.
Запрашан до каде е дијалогот со Бугарија и дали има напредок во разговорите, го повтори ставот што го има кажано претходно, а тоа е дека пријателство се гради со гестови и со искреност во односот. Следниот период најави дека ќе се одржи четврта средба на работните групи, а ќе се отвори можност и за средби на највисоко ниво што смета дека е исто така значајно и дека во тој контекст може да се постигне уште подобар резултат од оној што го имаме. Но, генералната оценка е, вели, дека имаме искрени односи и дека не очекуваме ништо што е надвор од оние воспоставени европски норми за добрососедство.
- Доколку постои потреба од унапредување на договорната рамка стоиме на располагање, но стоиме и на ставот дека за да изградиме подобри односи со нашите соседи треба заемно да се почитуваме и да почитуваме определено правило за рамнотежа на преземени права и обврски. Само на тој начин можеме да се подигнеме на едно повисоко ниво. Не би навлегувал во доменот на шпекулациите за тоа како е тоа оценето од нашите соседи во Софија. Она што е значајно за нас е дека треба да опстоиме на еден отворен дијалог, рече Попоски.