Владина делегација му оддаде почит на загинатиот претседател Трајковски
Владина делегација денеска по повод одбележување на деветгодишнината од смртта на Борис Трајковски, оддаде почит и положи венци на гробот на трагично загинатиот поранешен претседател на Република Македонија на градските гробишта во Бутел.
Венец на гробот на поранешниот претседател, соопшти денеска МО, положи и делегација од Армијата на Република Македонија.
Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев, пак, како дел од поширока делегација од државата, денеска положи венец на спомен-обележјето во месноста Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.
Во состав на владината делегација која положи венец на спомен-обележјето во Ротимље, покрај заменикот-министер за одбрана, Димитриев е и директорот на Генералштабот на АРМ, бригадниот генерал Димче Петровски.
На спомен-обележјето цвеќе положи и државна делегација на Босна и Херцеговина, медицинскиот тим на АРМ, кој е дел од операцијата АЛТЕА, делегација од градот Мостар, дипломатскиот кор во БиХ, како и Здружението на Македонци во БиХ.
Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година, во авионска несреќа во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Во несреќата покрај претседателот Трајковски загинаа и Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на Претседателот, Миле Крстевски од МНР, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето на претседателот како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Во текот на денешниот ден, заменик-министерот Димитриев оствари и повеќе средби меѓу кои и со команданотот на ЕУФОР, генерал мајор Дитер Хеидекер со кого разменија мислења за придонесот на Република Македонија во рамките на операцијата АЛТЕА, како и за иднината и перспективите за операцијата во Босна и Херцеговина.
На средбата, стои во соопштението од МО, беше потврдена и подготвеноста на Република Македонија за понатамошен придонес во рамки на меѓународните мировни мисии, меѓу кои и во АЛТЕА во БиХ.
Заменик-министерот за одбрана ги посети и припадниците на Армијата на Република Македонија кои во моментов се дел од АЛТЕА (11 припадници- медицински персонал и 1 помошник- правен советник во командата на ЕУФОР), а положи и цвеќе на споменикот на загинатите припадници на АРМ, дел од операцијата АЛТЕА, во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце на 12 јануари 2008 година.