Министерот Попоски учествуваше на Трансатлантската вечера во Рим
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, на покана од италијанскиот министер за надворешни работи Џулио Терци ди Сант Агата, присуствуваше на Трансатлантската вечера во Рим.
На вечерата, организирана во чест на новиот државен секретар на САД, Џон Кери, покрај вообичаениот формат на учество на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО и ЕУ, учествуваа и Република Македонија и Швајцарија, како и високиот претставник на ЕУ Кетрин Ештон и генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.
Министрите разменија мислења за актуелните предизвици со кои се соочува трансатланстската заедница. Особено внимание беше посветено пред се на последиците од конфликтот во Сирија, справувањето со меѓународниот тероризам, како и приоритетите за дејствување во трансатлантските односи.
Притоа, државниот секретар Кери истакна - „Не сме дојдени во Рим само да разговараме туку и да донесеме одлуки.„
Во своето обраќање министерот Попоски потенцираше дека незавршена работа на трансатлантската заедница останува да биде целосната евро-атлантска интеграција на Балканот.
“Успесите на евро-атланстското семејство се ценат преку кредибилитетот во процесот на проширување. Македонија е успешен пример на земја – извозник на стабилност”-истакна Попоски.
Министерот Попоски го запозна државниот секретар Кери со придонесот на Република Македонија во мировните мисии предводени од трансатлантската заедница во Ирак, Авганистан, Либан, Босна и Херцеговина и други.
“Тоа е потврда за нашата искреност и посветеност да придонесеме во промоција на вредностите зад кои стои нашата заедница. Истото продолжуваме да го правиме и во услови на одложено формално членство во НАТО и во ЕУ. Тоа е доказ повеќе за одлучноста на граѓаните на Република Македонија да опстојат на патот за промоцијата на мир и просперитет во регионот и глобално. Толку искрен и конкретен придонес, како македонскиот, не смее да не биде вреднуван”, заклучи министерот Попоски.