Отворен Регионалниот самит на систем-оператори за пренос на електрична енергија
Претставници на 12 систем-оператори за пренос на електрична енергија од Југоисточна Европа учествуваат на првиот регионален самит кој во организација на Македонскиот електропреносен систем-оператор (МЕПСО) попладнево беше отворен во Скопје.
Самитот ќе трае во наредните два дена и е фокусиран на процесот на создавање интегриран регионален пазар и либерализацијата на пазарот на електрична енергија.
На отворањето на средбата, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски рече дека бројот на учесници потврдува дека земјите од регионот се повеќе стануваат свесни за потребата од соработка. Тој истакна дека либерализацијата на пазарот за електрична енергија останува определба на Република Македонија и оти тоа е во согласност и со меѓународните договори што таа ги има потпишано. Притоа посочи дека либерализацијата би имала смисла само доколку се прави со рамномерно темпо на регионално ниво, односно кај сите систем-оператори кои соработуваат.
- Владата на Република Македонија, пред се поради своите потреби, но и поради потребите за регионалното поврзување, има алоцирано значителни средства за изградба на далекуводи со соседните држави, како и модернизација на диспечерскиот центар. Тоа ќе овозможи поефикасно управување на системот на Македонија, но и поефикасна соработка со соседните енергетски системи. Се работи за релативно мали држави, особено од енергетски аспект, и затоа мора да се води сметка за регионалната компонента, рече Пешевски.
Министерот за економија Ваљон Сарачини отворајќи го самитот подвлече дека приоритет е подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Сигурност во снабдувањето со струја, одржливост и конкурентност, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и заштита на животната срдина се насоки во домашниот енергетски сектор. Императив, рече Сарачини, е и создавање стручен кадар кој ќе ги следи глобалните трендови во оваа област.
На првиот регионален самит на преносните систем-оператори од ЈИЕ покрај домаќинот МЕПСО, учествуваат и ЕМС од Србија, ХТСО од Грција, ЕСО од Бугарија, ТЕИАС од Турција, ХЕП од Хрватска, ЕЛЕС од Словенија, Транселектрика од Романија, ОСТ од Албанија, КОСТТ од Косово, НОС од Босна и Херцеговина и ГЦЕС од Црна Гора.
Претставниците на компаниите ќе ги претстават своите модели на либерализација на пазарот на електрична енергија и ќе разменат мислења за искуствата од тој процес.
Либерализацијата треба да овозможи рамноправен третман, недискриминација и еднакви услови за сите учесници на електроенергетскиот пазар. Крајната цел е намалување на трошоците со унифицирање на правилата за пренос на електрична енергија во регионот и можност за конкурентност меѓу производителите и компетитивни цени на енергијата.