Владата со втор пакет мерки за оштетените од поплавите

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија на дневна основа ги следи состојбите, и презема мерки и активности во насока на санација на последиците од непогодните временски влијанија и настанатите поплави. Последните извештаи говорат дека последици од поплавите непосредно претрпеле 831 семејство односно домаќинство или околу 3800 лица.

Како што информиравме пред неколку дена беше донесен првиот пакет мерки, чиј фокус беше интервентно и приоритетно задоволување на потребите на населението.

Во овој дел можам да информирам дека во текот на денешниот ден веќе ќе биде завршена исплатата на еднократната парична помош од 15 500 денари по семејство, која ја добиваат 831 семејство. Би сакал да укажам дека овие средства согласно законот се средства трансферирани по основ на елементарна непогода и кога ќе легнат на трансакциските сметки апелираме извршителите да се воздржат од извршување на овие средства доколку некое лице од засегнатите на кои им се префрлени средства има нерасчистен должнички долг по друг основ.

До крајот на неделата ќе биде завршена доставата на облеката и обувките до загрозените лица. Секое од 3800 лица ќе добие по два комплета зимска и два комплета летна облека и обувки сортирани согласно пол и возраст, односно ќе бидат распределени 15 200 комплети облека и обувки. Во оваа насока, Владата усвои и Предлог закон за измени и дополнувања на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, со кои измени се предвидува и воспоставува можност запленетите добра наместо да бидат уништувани, по нивното демаркирање да бидат доделувани на лица кои претрпеле штети од елементарни непогоди или пак корисници на социјална помош.

Испорачани се вкупно 250 кутии на лекови и тоа: антибиотици, лекови за срцеви заболувања, лекови за мозочни удари, лекови за температура и лекови за стомачни заболувања. Во текот на денешниот ден ќе бидат испорачани лекови во количина од околу 400 кутии со што ќе се задоволат месечните потреби на пациентите.

Владата вчера расправаше за состојбите, и врз основа на примените извештаи го донесе и усвои вториот пакет на мерки за помош и поддршка на населението и регионите кои се загрозени. Фокус на овој пакет мерки е инфраструктурна поддршка на потребите на населението и на општините.

Прво, Владата одлучи и ја усвои информацијата во врска со надминување на ситуацијата со лицата на кои поплавата им ги загрози, целосно им ги уништи живеалиштата. Усвоена е методологија за категоризација на оштетувањата врз основа на која ќе бидат димензионирани помошта и поддршката.

- 1-ва категорија на објекти се објекти кои немаат видливи конструктивни оштетувања , а освен влагата како и последици од поплавата (оштетување на мебел и покуќнината) во објектот по неговото чистење и дезинфицирање непречено би можело да се живее во исти или слични услови како што биле претходните услови во објектот. Ваквото оштетување би изнесувало 25% оштетеност.

- 2-ра категорија на оштетени објекти би претставувале објекти  кај кои треба да бидат преземени дополнителни санациони мерки од аспект на изведување на дополнителни занаетчиски работи, како што се промена на под, врати, внатрешни санации на просториите, санирање на санитарниот јазол и сл. Ваквото оштетување би изнесувало до 50% оштетување.

- 3-та категорија на објекти претставуваат објекти кај кои се делумно оштетени конструктивните елементи на објектот, за кои се потребни преземање на санациони мерки (доѕидување, бетонирање и сл.), како и извршување на пообемни занаетчиски  работи (за објекти за кои ќе се утврди дека е економски исплатливо да бидат санирани) кои би требало да бидат извршени не подолго од 15 до 30 дена, а ваквото оштетување изнесувало до 75% оштетеност.

- 4-та категорија на објекти претставуваат објекти кај кои поради влијание на водената стихија се делумно или целосно оштетени конструктивните елементи на објектот, за кои е потребно преземање на санациони мерки (доѕидување, бетонирање, промена на конструктивни елементи, инсталации и сл.), како и извршување на пообемни занаетчиски работи (за објекти за кои ќе се утврди дека е економски исплатливо да бидат санирани) кои би требало да бидат извршени повеќе од 30 дена, а ваквото оштетување би било 100% оштетеност.

За сите раселени лица (семејни домаќинства) чии објекти се 4-та категорија, односно санацијата е невозможна, Владата ќе обезбеди објекти за трајно сместување кои трајно ќе го решат проблемот за домување на овие лица, и тоа во постоечки или ново изградени станбени капацитети (станови) изградени по програмите на Владата, или пак монтажни објекти кои претставуваат куќи, двокуќи или помали објекти за индивидуално домување со 3 станбени единици, за што финално ќе се одлучи по добивањето на сите извештаи.

Второ, Владата одлучи да биде исплатена и оштета за уништените земјоделски површини. Во следните денови тимови на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе направат конкретна пресметка на оштетувањата на секое индивидуално земјоделско стопанство, и согласно закон потоа ќе биде определена сумата на помош и поддршка, и паритетот и учество во истите, за секое земјоделско стопанство поединечно кое е погодено од оштетувањата.

Првичните проценки говорат дека вкупната површина погодена од поплавите се проценува на околу 10 000 хектари. Од нив околу 4000 ха се под житни култури, луцерка, ораници и ливади, а 600 ха под повеќегодишен насад (овошен и лозов насад). Според информациите од Земјоделскиот факултет и стручните служби, на овие подрачја засадени со вакви култури не би требало да има посериозни оштетувања бидејќи водата е веќе повлечена. Останатите околу 5000 ха се под градинарски култури (раноградинарски под пластеници, зелка и кромид).  И за нив се очекува конкретната пресметка на оштетениот земјоделски род, по што ќе излеземе со модалитетот на помош и поддршка.

Трето, Владата формираше специјален тим предводен од заменик-претседателот на Владата Владимир Пешевски кој ќе има за задача да изготви извештај за вкупните оштетувања на инфраструктурните објекти и предлог мерки за санација на истите.

Четврто, на следната владина седница врз основа на одлучување ќе се определи количината на сточна храна која од Агенцијата за стокови резерви ќе биде отстапена на земјоделските стопанства.

Владата ќе продолжи да ја следи состојбата активно и на дневна основа, и врз основа на проценките, извештаите и анализите ќе преземе дополнителни мерки и активности за задоволување на потребите.