Дозвола за градба од јуни за 15 дена

Дозволите за градење од 1 јуни ќе се издаваат по електронски пат. Новиот софтвер што за таа намена го изготви ЗЕЛС во соработка со Агенцијата за електронски комуникации, ќе овозможи дозвола за градба наместо за 45 дена да се добие за 15 дена доколку предметот е со комплетна документација.

На денешната презентација на електронското решение за управување со дозволите за градење, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески истакна дека новиот систем ќе придонесе за поголема ефикасност на општините и на Министерството за транспорт, поголема транспарентност во постапката, но и поттик за странските инвеститори.

- Со електронскиот систем очекувам дека ќе имаме огромен скок на листата на Светска банка во делот на одобренијата за градење, а тоа ќе биде позитивен сигнал за сите инвеститори во Македонија. Исто така, ќе придонесе за уште поголема градежна експанзија во целата држава, рече Јанакиески.

Преку новиот електронски систем ќе се врши прием на барањата за издавање одобрение за градење директно во дигитална форма. Целиот процес ќе опфаќа четири чекори од доставувањето на барањето до издавањето на одобрението за градење.

Првиот чекор, појасни Јанакиески, е поднесување на барањето кое заедно со потребните документи се внесува во системот, а доставените документи електронски се потпишуваат и се проследуваат до соодветната општина или до Министерството за транспорт зависно од видот на градбата. Следен чекор е проверка, во рамки на која барањето се архивира, се распределува на службеникот  кој ќе постапува по него, се врши проверка на  доставените документи и нотификација на барателот за нивна валидност. Третата фаза предвидува добивање на потребните мислења, кои надлежниот орган за постапката  ќе ги  бара  по електронски пат од надлежните институции. Крајниот чекор е плаќање на надомест откако ќе биде направена пресметка за комуналиите. Лицето кое бара дозвола за градба ќе може комуналиите да ги плати по електронски пат, а по проверка на уплатата ќе добие одобрение за градење. Електронски ќе биде и впишувањето на објектот за кој се бара дозвола откако ќе биде изграден. Во тек на целата постапка барателот на дозволата ќе може да добие информации за текот на постапката преку СМС.

Според статистика во извештајот на Дуинг бизнис на Светска банка во Македонија во просек дозвола за градба се добива за 45 дена. Согласно сегашниот закон и новиот систем, истакна Јанакиески, доколку еден предмет е комплетен со сите чекори треба во рок од 15 дена да се издаде одобрение за градење. - Тука е рокот од 8 дена за мислење, рокот за плаќање комуналии и за постапување од страна на државните  службеници, наведе министерот за транспорт.

Претседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски оцени дека придобивките од новиот систем се повеќекратни и за локалните власти и за граѓаните.

- Ќе се овозможи брзо и ефикасно поднесување барање за дозвола за градба без чекање на општинските шалтери и губење на дел од работното време, можност за информација преку СМС за фазата  во која се наоѓа предметот, исфрлање  од  употреба на хартијата и намалување на трошоците за општината и за граѓаните, зголемување на транспарентноста и ефикасноста во работењето на општинската администрација, рече Трајановски, истакнувајќи дека системот ќе обезбеди и увид во запазувањето на роковите и контрола на процесот.

При изработката на новата електронска алатка за одобренијата за градење се користени искуствата на Сингапур, а Македонија е единствена држава во регионот што ќе воведе таков систем.

Воспоставувањето на електронското решение за издавање на дозволите за градба чини 200.000 евра. До 1 јуни ЗЕЛС на средби со граѓани и приватниот сектор ќе го презентира системот со цел прифаќање на евентуалните забелешки, а паралелно ќе врши обуки на администрацијата.