Груевски: Ветувањето е исполнето, зголемени се пензиите и социјалната помош

 

Ветувањето за зголемување на пензиите и социјалната помош го исполнивме. Веќе од утре новите пензии што ќе почнат да се делат се зголемени, онака како што ветивме. А, во минатите неколку дена почна исплатата на социјалната помош зголемена за пет проценти, онака како што ветивме. Тоа е држење до дадениот збор, истакна денеска претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски.

На денешното претставување на кандидатите за градоначалници и на носителите на советничките листи за Градот Скопје и скопските општини потсети дека ова ветување било дадено пред стопанските комори во септември минатата година. Пред стопанствениците беше ветено и дека до крајот на февруари Владата целосно ќе го елиминира доцнењето за поврат на ДДВ и на средствата од извршени услуги на компаниите, што на 28 минатиот месец, како што рече Премиерот, беше целосно реализирано.

- На истото тоа обраќање дадов јавно ветување дека од март ќе има зголемување на пензиите и на социјалната помош, рече Груевски.

Единствената дилема кај зголемувањето на пензиите, како што истакна тој, била дали нивната исплата да биде линеарна или според точно утврден процент.

- По консултација со пензионерските друштва се одлучивме на линеарна по 550 денари поголема пензија за секој пензионер во Македонија, што претставува месечно околу 2,5 милиони евра повеќе средства за пензионерите или годишно безмалку 30 милиони евра повеќе за пензионерите секоја година. Тоа е ветено и остварено, рече Груевски.

Имаме чест и одговорност, додаде премиерот Груевски, утре да не се засрамиме и да можеме граѓаните да ги погледнеме во очи.