Премиерот Груевски го прими регионалниот директор на СЗО за Европа, Сузана Јакаб
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 07.03.2013 година) во Владата на Република Македонија оствари средба со регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, г-ѓа Сузана Јакаб.
Средбата се оствари во рамките на активностите за отворањето на Секретаријатот на Здравствената мрежа на земјите од ЈИЕ кој е со седиште во Скопје.
На средбата од страна на премиерот Никола Груевски беше изразено задоволство од досегашната соработка, и беа реафирмирани посветеноста и заедничките интереси за реализација на повеќе проекти од регионално значење.
Премиерот Груевски истакна дека целта на Владата е здравствениот систем и услугите кои се нудат да бидат достапни за сите граѓани, и во таа насока, досега беа превземени низа мерки и реформи, како што се овозможување на бесплатно здравствено осигурување за секој граѓанин, овозможување на лекување во странство за само 200 евра, овозможување на бесплатно болничко лекување на пензионерите чии примања се под просечните, повеќекратно намалување на цените на лековите и редица други реформи и мерки.
Од страна на регионалниот директор на СЗО за Европа, Сузана Јакаб беше истакната исклучително добрата соработка со Владата на Република Македонија како и придонесот кој Владата го дава во насока на подигнување и унапредување на здравствената заштита обезбедувајќи активни мерки за квалитетна медицинска превенција на граѓаните.
Беше посочено дека таквите активности и реформи ја вброија државата меѓу најактивните држави членки во регионалната мрежа на Светската здравствена организација.
Особено беше потенциран прогресот кој Република Македонија го направи на полето на превенција и имунизација на граѓаните кој обезбедува нивна ефикасна и навремена здравствена заштита. Сузана Јакаб ги поздрави мерките, напорите и реформите кои ги превзема Владата во полето на здравствениот систем, чекори кои дадоа резултати и овозможија негово значително подобрување и вградување на високи стандарди, кои како што посочи г-ѓата Јакаб треба да ги следат и останатите земји членки од регионот.
Соговорниците изразија подготвеност за продолжување регионалната соработка преку реализацијата на активните мерки на полето на подобрување на здравствената заштита.