Трет пакет мерки помош и поддршка на населението во врска со поплавите со фокус на земјоделските стопанства
Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
Почитувани,
Владата на Република Македонија активно и будно ја следи ситуацијата во врска со санирање на последиците од поплавите и на вчерашната седница ги разгледуваше состојбите со реализацијата на првиот и вториот пакет на мерки за помош на населението и го усвои третиот пакет мерки за помош и поддршка на населението кој е фокусиран на земјоделците.
Во досегашните две недели, како дел од првиот и вториот пакет на мерки беа доделени:
-еднократна парична помош во висина од 15 000 денари по семејство за над 800 семејства, за која останува да се доисплатат уште 30 семејства кои имаа потешкотии со трансакциските сметки;
-над 15 200 пакети со летна и зимска обувка по лице, или околу 35 000 парчиња облека и обувки кои беа дистрибуирани до над 600 семејства согласно потребите пријавени од терен;
-над 3000 материјали за покуќнина, околу 700 парчиња мебел на 100 семејства кои пријавиле потреби за тоа, 40 шпорети и над 200 метри кубни дрва за огрев;
-650 пакети лекови и
-130 000 тони нафта за општините се распределени или се распределуваат во моментот, согласно тековните потреби.
На вчерашната седница, Владата го разгледуваше извештајот на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за настанатите штети на индивидуалните земјоделски стопанства, и врз основа на него го усвои третиот пакет мерки за помош и поддршка на земјоделците, кои настрана од претходните мерки се однесува исклучиво на земјоделците, и претставува дополнителна нивна поддршка.
Согласно извештајот, кој беше направен од страна на стручни тимови, кои беа на терен во изминатите 5 дена, беше увидено дека како резултат на поплавите настанала штета на земјоделски имот на околу 2000 индивидуални земјоделски стопанства, од кои најголемиот дел се во Струмичко 1640, Радовишко 178, Богданци- Гевгелија 102, Штип 53, Велес 26, Кочани 14. Во Битола целокупната штета е предизвикана на земјоделски комбинат, а во Ресен и Валандово биле поплавени земјишта со насади каде што не настанала штета.
Во сите овие индивидуални земјоделски стопанства на кои ќе им биде исплатена оштета согласно заземениот владин став, штетите се со различна процентажа на оштета, некаде 5%, некаде 20% некаде 80% од посевот е оштетен, а најмногу се оштетени културите зелка 40 милиони денари, домат 25 милиони денари, краставица 11 милиони денари, луцерка 6 милиони денари, пченица 5 милиони денари, пипер 3 милиони денари, компир и марула по 1 милион денар.
Согласно пресметките кои се направени врз основа на методологија за принос по површина проценките се дека со поплавите бил загрозен или оштетен земјоделски имот со вредност на културите од околу 100 милиони денари, со различен степен на оштетување на поединечна земјоделска површина од наведените околу 2000 индивидуални земјоделски стопанства. Владата одлучи покрај регистрираните земјоделци во единствениот регистар, отштета да добијат и оние кои не се во регистарот, кои претставуваат околу 10% од оштетените.
Владата, согласно закон и согласно обемот на оштета, и настрана од другите мерки за помош и поддршка одлучи да издвои 30 милиони денари за помош на овие земјоделци кои претрпеле штети од поплавите, што претставува 30% од вкупната проценета штета. Владата останува на ставот дека по добивањето на извештаите на општинските комисии за проценка на штета ќе излезе и со дополнителна помош.
Во текот на оваа недела на терен стручните тимови за проценка ќе поминат уште еднаш, и заедно со овластените проценители и стопаните на земјоделското земјиште ќе ја прецизираат сумата која ќе ја добие секој земјоделец согласно оштетувањата на неговиот имот.
Исплатата на парите треба да започне во период од 10 дена отсега на трансакциски сметки.
Исто така, Владата одлучи од Агенцијата за стокови резерви да отстапи и подели на десетици земјоделци евидентирани во регистарот, сточна храна во обем од 750 кг пченка, и над 12 тони јачмен. Оваа пресметка е направена врз основа на проценка на Земјоделски факултет за обезбедување на храна за добитокот во период од 10 дена. Оваа помош ќе биде дистрибуирана до земјоделците кои се регистрирани, и на кои согласно закон може да им се отстапи сточна храна од стоковите резерви.
Во оваа насока, но и затоа што предизвикот со сточната храна е актуелен во поедини периоди од годината, Владата одлучи во месец април да распише оглас за доделување на државно земјоделско земјиште во обем од 850 хектари, кое ќе биде наменето исклучиво за одгледување на сточна храна, и за кое приоритетно ќе може да конкурираат одгледувачите на добиток. Тоа е дамнешна заложба на земјоделците сточари и ние ова барање го прифативме и овозможивме.
Во насока на обезбедување на безбедност на земјоделското производство и безбедност на здравјето на граѓаните, ќе биде направена и анализа на почвата која беше зафатена од поплавите за да се направи хемиска и бактериолошка анализа и да се гарантира нејзиниот бонитет согласно стандардите.
Уште еднаш апелираме земјоделците да ја искористат поволноста која ја нуди Владата, и да ги осигурат своите имоти за што државата покрива 60% од трошоците за осигурувањето.
Во однос на проценката на степенот на оштетеност на инфраструктурните објекти во општините и можноста да се придонесе во нивно санирање, заседаваше тимот предводен од заменик претседателот на Владата Владимир Пешевски, при што беше побарано секоја од општините зафатена со поплавата, преку своите сектори за урбанизам да изврши проценка на штетата на инфраструктурата во својата општина и во рок 5 дена од усвојувањето на оваа информација да достават извештај за настанатата материјална штета до Министерство за транспорт и врски, а Центарот за управување со кризи тоа да го направи во рок од 3 дена, по што Министерство за транспорт и врски во рок од 3 дена од добивањето на извештаите од општините и Центарот за управување со кризи ќе достави до Владата интегрирана информација со анализи и проценки на штетите во погодените општини и акциски план со предлози, активности, рокови и носители за санирање на штетите, при што не се исклучува можноста која е актуелна и за учество на Владата во санирање на дел од состојбите со инфраструктурата во соодветен сооднос.
Владата и понатаму останува посветена на следење на состојбите и давање на помош и поддршка на населението за санирање на последиците од поплавите.