Отворен мултимедијален центар во Кратово

 

Некогашното кино во Кратово, кое во изминатите 20-ина години беше затворено и руинирано, денеска беше свечено отворено, во нов лик и со нова функција - мултимедијален центар, кој ќе биде место на разновидни културни случувања за околу 6.500 жители на градот.

Обновата траеше две години, на иницијатива на кратовци, преку проектот Форуми на заедниците. Го промовираа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалникот на Кратово Мите Андоновски.

Објектот има 225 седишта. Општината во него вложи 7 милиони денари, 2,4 милиони се од Швајцарската агенција за соработка и развој, а 2 милиона денари од Министерството за култура.  Целосно ќе биде завршен во втората фаза, кога ќе се доуреди просторот под сцената и ќе се додадат уште 50 седишта на балконот.

На промовирањето на повеќенаменскиот центар, министерката Канческа-Милевска посочи на долгата културна традиција на Кратово, за кој рече дека е музеј на отворено, град на мостови, кули, подземни тунели, стари куќи и цркви со ретки фрескоживописи, археолошки локалитети, како Цоцев Камен и Куклица.

- Токму затоа, со големо задоволство ја прифатив идејата на градоначалникот Андоновски за целосна реконструкција на старото кино и изградба на мултимедијален центар во Кратово, каде што граѓаните ќе може да следат претстави, концерти, фестивали, културни манифестации...простор во кој најмладите ќе ја градат својата перцепција за културата и уметноста, рече Министерката за култура.

Посочи и на други проекти во културата што се реализирани во општината, во функција на локалниот равој и заштита на културното наследство, како ревитализацијата на Симиќевата кула во која е изложена постојаната поставка „Карпошово востание 1689“. Во тек се заштитните интервенции на Златковата кула, која е симбол на Кратово. Исто така, почнат е и проектот за заштита на архитектурата и ѕидното сликарство во црквата Св. Јован Крстител, изградена од познатиот градител Андреја Дамјанов.

Годинава во Кратово ќе бидат обновени и конзервирани фасади од староградска архитектура, споменичната целина Ајдучка чаршија - блок од пет групирани дуќани во кратовската чаршија, како и реставрација на тунелите во Кратово. Следната седмица во новоотворениот центар ќе биде монтирана нова киноопрема.

Градоначалникот Андоновски  обраќајќи се во мултимедијалниот центар рече дека тој ќе биде простор на многу културни настани, кои досега се организирале во несоодветни услови, на отворено или во спортската сала.

- Кратовци заслужуваат ваков центар, зашто Кратово има долга традиција и култура, истакна Андоновски.