Се гради нова винарија во Росоман
Во росоманското село Трстеник денеска беше поставен камен темелник на нова винарска визба, која што ќе биде со капацитет од 10 милиони литри.
На почнувањето со градба на винаријата, која е во сопственост на Акционерското друштво “Гоце Делчев-Тиквеш“ од Кавадарци, во Трстеник присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
- Македонија е лидер во регионот за производство на вино. Бројот на винарските визби кај нас постојано се зголемува, што е јасен показател дека винарството веќе сигурно станува начин на живот и силен мотор во земјоделството и економијата на земјата во целина. Виното е најизвезуван пијалок и втор земјоделски производ по остварениот приход од извоз. Во просек околу 85 проценти од производството на вино е наменето за извоз, рече Димовски.
Тој се осврна на резултатите од минатата година во секторот.
- Минатата година имавме рекорден извоз на вино, при што вкупниот извоз се искачи на 1,15 милиони хектолитри и ја надмина 2011, која беше најдобра година во поглед на извозот на македонско вино во последните 10 години. Од аспект на извозот на вино 2013 година започна успешно, имајќи предвид дека заклучно со 4-ти февруари оваа година, целосно е искористена договорената бесцаринска квота со Европската унија, која изнесува 31.400.000 литри за наливно вино согласно податоците од царинските и даночни органи при Европската комисија, рече Димовски.
Сето ова, како што нагласи е доказ за успешното работење на Владата, Министерството, секторот како и сите индивидуални и колективни напори во винарството и промоција на виното.
- Продолжуваме и понатаму со големо внимание, со сериозен, посветен, и пред се, партнерски однос во поддршката на вакви иницијативи, проекти со цел од една страна постојано да се надградува партнерството во областа. Од друга, пак, страна да се подобри и зајакне имиџот на Македонија како земја на виното, со зголемување на придобивките од поголема потрошувачка, извоз и препознатливост на македонското вино во заеднички интерес на сите нас, нагласи министерот.