Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза доби возило со вграден ренген, ЕКГ апарат и дефибрилатор
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза го промовираше флуоробусот - специјално опремено возило со вграден ренген, ЕКГ апарат и дефибрилатор за рано дијагностицирање на туберколоза.
- Возилото ќе биде поставувано на места каде што има поголема концентрација на ризичните, односно вулнерабилни групи од населението, како што се затвори, психијатриски установи, училишта или некои рурални области и населби во кои се живее во супстандардни услови, односно секаде каде што има потенцијална опасност од ширење на туберколозата, рече Тодоров.
Ова, додаде тој, е подвижен ренген апарат кој може да се користи не само за туберколоза, туку и за сите видови снимање, но, како што нагласи, фокусот ќе биде дијагностицирањето на туберколозата заради порано откривање и навремено спречување.
Директорката на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза Билјана Поповска-Илиеска појасни дека флуорографијата е превентивна метода која служи да се направат снимања кај оние популации, ризични групи, каде можноста за појава на заболувањето е честа, но трансмисијата е многу брза.
- Наша обврска и задача е да имаме планирани активности, а тие ги правиме преку превентивната програма за да извршиме планирани снимања со цел навремено откривање не само на туберколоза, туку било какви заболувања на белите дробови кај испитаните лица. Снимањето ќе овозможи навремена дијагностика кај оние кои не побарале до тогаш лекарска помош и брзо и навремено лекување, истакна Поповска-Илиеска.
Вредност на флуоробусот заедно со опремата е 170.000 евра, а набавен е набавен со средства од Министерство за здравство и проектот на Глобалниот Фонд за контрола на ХИВ/СИДА и туберкулоза во Македонија.
Екипи на Институтот од понеделник прво ќе ги посетат затворите во земјава, почнувајќи од Скопје, а потоа и психијатриските болници...
Во Македонија последните 10-тина години бележи континуирано намалување на новорегистрирани случаи со туберколоза, за 2012 година 355 заболени, или 17,2 на 100.000 население.