Ставрески и Стојанов пуштија во употреба водовод во Чанаклија
Струмичкото село Чанаклија доби нов водовод, преку кој ќе се снабдуваат 600 жители со чиста и здрава вода за пиење. Водоводниот систем, денеска го пуштија во употреба вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Василево Ванчо Стојанов.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека преку соработката на централната и локалната власт се реши децениски горлив проблем за жителите на Чанаклија.
- Само со ваква посветеност и со заеднички напори и сили можеме да постигнеме многу. Само со визија можеме да направиме големи дела. Денеска решивме едно од највиталните децениски прашања за животот во Чанаклија, проблем кој постојано беше истакнуван при средбите со граѓаните, рече Ставрески.
Тој додаде дека средствата за изградба на водоводот се обезбедени преку Министерството за финансии од Светска банка во износ од 20 милиони денари, а општината обезбеди сопствени средства во висина од пет милиони денари.
Министерот најави дека наскоро ќе почне исплатата на средствата за штетите од поплавите.
Градоначалникот Стојанов истакна дека иако ветиле дека водоводот ќе биде завршен за една година тие го завршиле за само осум месеци. - За мене зборовите кои ги давам како ветување се цел која мора да се исполни. Стариот водовод кој само два-три месеци во годината имаше вода и тоа нечиста и неисправна сега е минато, рече Стојанов.
Водоводот има должина од повеќе од 7 километри со филтер станица со капацитет од 600 метри кубни и резервоар од 300 метри кубни, како и автоматска пумпна станица.