Монтажно училиште за 13 ученици во прилепското село Чепигово
Првото монтажно училиште во општина Прилеп ќе биде ставено во функција деновиве. Изградено е во прилепското село Чепигово и е наменето за 13 ученици од прво до петто одделение.
Училиштето е едно од 23-те монтажни во Македонија. Има две училници, просторија за наставничкиот кадар и санитарни јазли. Министерството за образование и наука во него вложи 3,3 милиони денари, а локалната самоуправа на Прилеп ќе ја уредува околината.
- Наша цел е за сите ученици, и во руралните средини, како во урбаните, да обезбедиме современи услови според сите стандарди за одвивање на наставата, рече министерот Панче Кралев, кој денеска го посети училиштето.
Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески соопшти дека уште две монтажни училишта со по 20-ина ученици ќе бидат изградени во селата Беровци и Галичани и ќе бидат готови до новата учебна година.
Во селото Чепигово има 200 жители. Родителите се задоволни зашто досега немало вакви услови за нивните деца - парно грење и современ ученички инвентар.