Пуштени во употреба нови десет бунари во Прилеп
Во функција денеска се ставени десет нови бунари во месноста Бегова Ливада кои на Прилеп ќе му обезбедат дополнителни 120-тина литри вода во секунда во кризни ситуации. Тоа е резултат од четиригодишниот зафат вреден околу 70 милиони денари на Министерството за транспорт и врски, изјави ресорниот министер Миле Јанакиески.
Тој информира дека проектот се одвивал во неколку фази.
- Прво се издупчија бунарите, поставен беше цевководот и потоа препумпната станица која за високите зони на градот ќе обезбеди доволно притисок, кога дарежливоста на изворот Студенчица, посебно во летните кризни месеци ќе биде драстично намалена. Сега градот не треба да стравува за вода за пиење, изјави Јанакиески.
Според градоначалникто на Прилеп Марјан Ристески, градот реши децениски проблем.
- Во иднина за прилепчани нема да има големи кризи за вода за пиење. На располагање ќе бидат бунарите, а во меѓувреме се обновени 120-тина од 160 километри водоводна мрежа и загубите во системот се под 50 отсто, рече Ристески.
Од ЈП „Водовод и канализација“ уверуваат дека новите бунари, препумпната станица, обновата на мрежата со грантот од германската KFW банка се клучните зафати кои го решаваат проблемот со водоснабдувањето. Студенчица, посочуваат од претпријатието, останува главен извор на водоснабдување на Прилеп.
- На претпријатието му претстои да им пружи на граѓаните квалитетни услуги и да го одржуваат и надградуваат системот, рече Сашо Николоски, директор на ЈП „Водовод и канализација“.