Дислокација на Домот за зависници во Кисела Вода, на негово место поликлиника
Домот за зависници во Кисела Вода ќе се дислоцира, а сегашниот објект на оваа институција ќе се пренамени во поликлиника „Кисела Вода“.
Станува збор за проект што треба да се реализира во текот на идната година. При дислокацијата на центарот најверојатно ќе се примени концептот на отворање на повеќе пунктови во поголем број на општини.
- Идејата е да немаме поголема концентрација на лица коишто имаат болести од зависности на едно место. Целта е да имаме поголем број на локации, но такви што ќе бидат максимално безбедни, односно ќе немаат голем број на зависници и нема да бидат во близина на училишта, градинки или места каде има поголема фреквенција на малолетници, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Средствата за реализација на проектот ќе бидат обезбедени од Здравствениот дом во Скопје. Во почетокот на наредната година се очекува центарот да биде пренаменет во поликлиника.
Идејата за реализација на еден ваков проект, како што истакна Тодоров, произлегла од бројните заблешки и претставки што ги имале од страна на граѓаните кои живеат во близина на Домот.
- Станува збор за значаен проект имајќи предвид дека граѓаните кои живеат во овој дел имаат проблем со лицата болни од зависности кои секојдневно доаѓаат во овој ценатр да добиваат метадонска терапија, а од друга страна граѓаните кои живеат во оваа општина за каква и да било здравствена услуга мораат да патуваат до поликлиниката „Јане Сандански“ која сега се наоѓа во општина Аеродром, рече Тодоров.