Струшкиот музеј доби спомен-соба посветена на Никола Незлобински

 

Во музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга денеска беше отворена спомен-соба посветена на рускиот биолог и зоолог Незлобински, заслужен за струшкиот Природонаучен музеј  кој постои 85 години. Спомен-собата ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека музејската поставка го отсликува богатото творештво на Незлобински, еден од основоположниците на музеологијата.

 - Доста е значајно што самата поставка се наоѓа во самата институција каде што има голем број вредни предмети и вредни артефакти кои ги поседувал Незлобински, да го видиме неговото творештво во делот на музеологија, сето она што го правел, сите оние цртежи коишто се поврзани токму со Струга и со културата во градот, истакна Канческа-Милевска.

Оваа научна установа, рече министерката, може да се пофали со  богат историски, етнографски материјал, збирка од преку осум илјади археолошки предмети, 12 илјади предмети природонаучен материјал, носии, фотографии и филмови, но и богата нумизматичка збирка која го раскажува богатиот културно-историски развој на Струга.

- Околу 12 илјади домашни и странски посетители годишно  учат за ендемските видови, но и за историјата и богатото културно наследство  на струшкиот регион и пошироко преку поставките кои се реализираат во овој музеј. Меѓународната активност  на институцијата бележи свој континуитет и овозможува и странската јавност да се запознае со богатството на овој регион, додаде Канческа-Милевска.

Изминатиот период струшкиот музеј активно работеше на целосно истражување на животот и делото на Никола Незлобински со цел да се промовира значаен сегмент од богата културна историја на Струга која му е посветена на овој голем руски хуманост и визионер. Предноста на оваа спомен-соба е поставеноста на над сто оригинални документи кои д-р Незлобински ги донел од Русија.

- Изминатите години се работеше и научно се третираше, а сега, на мое големо задоволство и на сите нас, посебно на стружаните, имаме можност да го видиме во една извонредно замислена експозиција, каде што се поставени 12 паноа на кои е изложен целиот животен пат, сите предизвици, но и големи успеси што Никола Незлобински ги оставил во Струга, потенцира Сашо Цветковски, директор на музејот.