Нови простории за богатиот книжен фонд на библиотеката во Охрид

 

Богатиот книжен фонд на Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид добива нови простории, кои денеска на оваа национална установа и ги предаде министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Таа истакна дека со новите простории покрај решениот проблем за сместување на книгите, ќе се подобрат и условите за севкупното работење на установата.

- Во новиот двокатен простор од 200 метри квадратни ќе биде сместен целиот книжен фонд на библиотеката. На долниот кат ќе се наоѓа детско одделение, со пулт за информации, читална за деца и санитарен јазол. На горниот кат ќе биде сместен книжниот фонд за возрасни читатели, со пулт за информации, две канцелариски простории за потребите на вработените, а предвидена е и современа читалница наменета за возрасни, каде на сите граѓани ќе им бидат достапни сите дела од богатиот фонд на библиотеката, рече Канческа-Милевска.

Министерката информираше дека старите простории во кои досега се наоѓаше библиотечниот фонд се планира да бидат пренаменети во сала за симпозиуми,  постојната читалница да се преуреди во читалница за студенти и во еден дел во интернет-читалница. Плановите се во согласност со проектот за кој Министерството изводи и средства.

Библиотеката „Григор Прличев“ има богат книжен фонд од над 150 илјади наслови, меѓу кои исклучително ретки книги каков што е и примерокот на „Прохорпчинското евангелие“ од 14 век.

- Поради потребата од нејзина конзервација, книгата се наоѓа во Универзитетската библиотека во Скопје, се реставрира, така што до крајот на оваа година, по завршувањето на нејзината конзервација, ќе биде вратена во Охрид, рече ресорната министерка.

За време на работната посета на Охрид таа ги предаде во употреба и новите панорамски телескопи поставени на ѕидините на Самоиловата тврдина, какви што веќе има на повеќе туристички локации низ земјата.