МОН ќе гради уште седум нови спортски сали во училиштата во Битола
Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска во Битола најави изградба на седум нови фискултурни сали во битолските основни училишта со пари од Министерството. Тој оцени дека проектот за изградба на 145 спортски сали успешно се реализира и дека најмногу се изградени за учениците во Битола.
- Битола е општина со најмногу изградени и завршени фискултурни сали со овој проект. Во моментов три фискултурни сали се во средните училишта, а наскоро ќе почне изградбата на седум нови фискултурни сали во основните училишта. Вкупната инвестиција на досега изградените изнесува 1,7 милиони евра. Од наставниците во средното економско училиште „Јане Сандански“ бев информиран дека новоизградената фискултурна сала максимално е искористена од учениците во наставниот процес, но и од граѓаните за рекреација, што е многу добар знак за значењето на спортските објекти што ги гради Министерството за образование и наука, истакна министерот Кралев.
Градоначалникот Владимир Талески потврди дека овие инвестиции во средното и во основното образование се резултат на континуираната соработка и меѓусебна поддршка на Владата и општина Битола.
Владата на Република Македонија во соработка со општина Битола изгради фискултурни спортски сали во средното економско училиште „Јане Сандански“, средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“, средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“, како и спортската сала „Павел Шатев“ во битолскиот студентски дом „Кочо Рацин“.