Ристовски: Грижата за старите лица еден од нашите приоритети
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска оствари работна посета на општина Битола каде се сретна со градоначалникот Владимир Талески кој го информираше за активностите во сферата на социјалните политики и проектите што ги реализира локалната самоуправа, а се поддржани од Владата на Република Македонија.
Ристовски и Талески го посетија местото каде што до пред извесно време постоеше Дом за сместување на стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ изграден во 1967 година, а врз чија површина сега интензивно се гради целосно нов објект.
- Во разговорите што ги имавме со ЕУ во делот за користење на ИПА фондовите од исклучително значење беше поддршката што ја добивме за инвестициите насочени за подобрување на животот и статусот на старите и изнемоштените лица. Во таа смисла овој објект во Битола која сега има и зголемен сместувачки и просторен капацитет, очекувам да предизвика интерес за сместување и за лица од други градови. Грижата за старите лица за нас е еден од врвните приоритети бидејќи со поддршката на тие лица ние им овозможуваме на нивните семејства да се намали севкупниот социјален и економски товар кој што го имаат во моментите додека лицата се дома и на домашна нега, посочи министерот Ристовски.
Согласно планот, во новиот Дом за стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ две-третини ќе бидат наменети за неподвижни лица, а една третина за подвижни лица, на кои на располагање ќе им биде високостручен и обучен кадар.
- За изградба на новиот Дом за стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“, општината вложи 170.000 евра, а вредноста на цел објект е околу 830.000 евра, средства обезбедени од европските фондови и Владата на Република Македонија. Во новиот современ и модерен објект сега ќе може да се сместат околу 150 корисници на кои на располагање ќе им бидат најсовремени услови за живеење, разонода и стручна нега, истакна градоначалникот Талески.
Од Министерството за труд и социјална политика сметаат дека бројот на старски домови во Република Македонија е недоволен во однос на потребите и барањата на граѓаните и затоа Владата на Република Македонија ќе изгради четири нови старски домови.