Центарот за култура во Куманово доби нов дигитален проектор

Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово доби нов дигитален проектор. На промоцијата присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

- Со реализацијата на проектот за набавка на нови дигитални проектори за центрите за култура низ Република Македонија ќе се овозможи заживување на кино-мрежата и интензивен развој на филмската дејност во нашата држава, истакна Канческа-Милевска и додаде дека се набавени 20 дигитални проектори.

Според неа, станува збор за силен импулс во заживувањето на кино-мрежата и интензивиран развој на филмската дејност. Веќе од викендот стартува прикажување на македонските филмови.

- Владата на Република Македонија и Филмскиот фонд на Македонија доста вложуваат во филмската дејност во изминатиот период. Се снимија доста македонски филмови кои се здобија со престижни меѓународни награди. Ќе продолжиме со тој интензитет. И годинава не очекува промоција на два филма, нагласи министерката.

Министерството за култура и годинава ќе реализира проекти за Куманово. Ќе продолжат интензивните истражувања на локалитетот Кокино од страна на Музејот, а годинава, како што најави министерката, ќе се обнови музејската поставка во Спомен куќата на Карпош со нови артефакти.

Министерката Канческа- Милевска најави дека Центарот за култура ќе добие и самостоен систем за греење.