Груевски: Остануваме посветени на Кичево, Кичево е Македонија

Премиерот Никола Груевски денеска го посети Кичево со цел да разговара со граѓаните за новонастанатата состојба и да се сретне со досегашниот градоначалник Благоја Деспотовски, кој не успеа да добие нов мандат.  

Деспотовски беше кандидиран за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од СДСМ. Градоначалничкото место во првиот круг го освои Фатмир Дехари од ДУИ, поддржан и од ДПА.

- Го разбирам гневот и револтот кај луѓето затоа што тое е и мој гнев и мој револт. Тие имаат проблеми сега, имаат предизвици, а тоа се и мои предизвици и мои проблеми и затоа сум тука, изјави Груевски.

Јас, како што нагласи, не бегам од народот.

- Дојдов тука во Кичево за разлика од некои други што ги немаше ни претходно ни сега и за разлика од некои кои сакат да создадат раздор да исполитизираат. Јас сум тука и ќе дојдам повторно, нагласи Груевски.

Владата, додаде тој, и понатаму ќе продолжи да работи за Кичево, да прави се што може да им помогне на кичевци.

- Ние остануваме за Кичево, Кичево е Република Македонија и ќе остане Република Македонија, а Владата во иднина ќе ги утростручи напорите да им помага на овие луѓе тука, да има повеќе работни места, изградба и инвестиции во Кичево со цел граѓаните да го добијат тоа што го заслужуват, а тоа е поквалитетен живот. Кичевци заслужуваат поквалитетен живот и ние сме тука како Влада и остануваме зад Кичево да се бориме да им помогнеме да се развива градот и да оди напред, изјави Груевски.

Премиерот рече дека ќе направат се што е во нивна надлежност.

- Како што  направивме на овие избори на кои излегоа 99 проценти од луѓето кои го поддржуваа кандидатот  на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ така ќе продолжиме со сите сили да работиме и во иднина да им помогнеме на кичевци. Кичево нема да биде оставено, рече Груевски.

Ситуацијата, според него, е создадена во 2004 година кога се споија пет општини во кои Албанци има околу 28 илјади, а Македонци околу 16 илјади.