Министерот Ристовски ја посети детската градинка во општина Јегуновце

 

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристевски денеска ја посети општина Јегуновце за да ја увиди состојбата со објектот на детската градинка што е во многу лоша состојба.

Тој најави дека во следниот период ќе се преземат мерки или за обнова на објектот што е изграден во шеесеттите години од минатиот век или изградба на нова зграда. Оваа градинка во Јегуновце работи во рамки на детската установа „Младост“ од Тетово и досега на неколкупати е барано од општина Тетово таа да премине во надлежност на општина Јегуновце.

- Ако од процедурални причини не може да се започне со обновата на зградата на градинката во Јегуновце, ќе биде формиран нов правен субјект во рамки на општина Јегуновце за чии потреби ќе биде изграден нов објект. Во овие рамки покрај Јегуновце новата градинка ќе има свое истурено одделение и во Вратница со што ќе се овозможи поголем опфат на децата во оваа тетовска општина како дел од проектот на Владата за изградба на градинки во рурални средини. Работите ќе започнат во втората половина од оваа година, рече министерот Ристовски.

Во градинката во Јегуновце во моментот има околу дваесеттина деца од овој регион.