Најавени законски измени за можностите за инвестирање на пензиските друштва

Зголемување на обемот на инвестиции и дозволени инструменти за инвестирање на пензиските фондови, зголемување на можностите за инвестирање во земјите со брзорастечки економии и воведување мулти фондови имаат, меѓу другото, за цел законските и подзаконските измени што ги подготвува Министерството за труд и социјална политика за да се овозможи поголем обем на средства на индивидуалните сметки на членовите, повисок принос од средствата  и поголем избор при инвестирањето.

Измените се резултат на анализата што ја направило МТСП во соработка со Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС), други надлежни институции и пензиските друштва.

- Со измените ќе се даде можност за зголемување на обемот на инвестиции и дозволените инструменти. Недостатокот на инструменти на домашниот пазар кои обезбедуваат приход на долг рок ја наметнува потребата од проширување на инвестициите во странство. Исто така, покрај постојните земји членки на ЕУ и ОЕЦД ќе се зголемат можностите за инвестирање во земји со брзорастечки економии заради поголем принос, а согласно последните измени на Закон за хратии од вредност ќе се дозволи и инвестирање во акции на акционерски друштва кои припаѓаат на сегментот на задолжителна котација, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој појасни дека структурата на членството ја наметнува и потребата за воведување на мулти фондови, што значи дека во рамките на еден пензиски фонд ќе функционираат три портфолија - агресивен, балансиран и конзервативен, согласно старосната структура на членовите.

- Средствата на членовите согласно возраста ќе се инвестираат во едно од трите различни портфолија. Така помладите ќе можат да инвестираат во инструменти кои се поризични, но носат поголем принос, така што и да изгубат нешто поради ризичноста ќе имаат време за повторно оплодување. За постарите членови пак, ќе се примени конзервативното портфолио за инвестиции со најмал ризик бидејќи се наближуваат до пензионирање, рече Ристовски.

Тој додаде дека изборот за инвестирање во некое од овие три портфолија ќе треба да го одобрат самите членови, но појасни дека МАПАС и натаму ќе ја врши својата функција на заштитник на средствата и нема да дозволи одредена инвестиција доколку процени дека таа е исклучително ризична.

Новина во законските имени е и тоа што ќе се воспостават законски решенија со кои по влезот на Македонија во ЕУ лимитите за инвестирање кои важат за домашната економија ќе важат и за инвестициите во земјите членки на ЕУ, решение заради постапување по забелешките на ЕК дадени во последните извештаи за напредокот на земјава.