Почна изградбата на првата хидроцентрала во Општина Теарце

Компанијата Сол Хидропауер ДООЕЛ Скопје почна со реализација на инвестицијата вредна 15 милиони евра во општина Теарце. Денеска беше означен почетокот на изградба на првата, од трите планирани мали хидроцентрали на реката Бистрица. Со таа компанија Министерството за економија потпиша четири договори за концесија на вода, на водотекот на  Бистрица, и веќе се почнати подготвителни активности за нивна изградба.

- Во општина Теарце, овој концесионер ќе изгради вкупно 3 мали хидроелектрични централи со вкупен инсталиран капацитет од 7,5 мегавати, со очекувано годишно производство од 28 гигават часови, а големината на инвестицијата би изнесувала 15 милиони евра, рече на министерот за економија Ваљон Сарачини.

Согласно обврските од договорите за концесија, концесионерот ќе уплаќа годишен надомест во висина од 2 проценти од остварениот приход од продадената електрична енергија. Од 2016 година, половина од предвидените 2 проценти  ќе одат во буџетот на општина Теарце.

Во насока на локалниот и регионалниот развој Министерството за економија потпиша и четири договори за концесија за вода за изградба на четири мали хидроцентрали на река Одранска, со компаниите Супер нова енерџи ДООЕЛ Тетово и ЕМК Мали хидроелектрани ДООЕЛ Скопје, со вкупен инсталиран капацитет од 3,4 мегавати, очекувано годишно производство од околу 14 гигават часови и инвестиција во износ од 7 милиони евра. 

- Со изградбата на овие 7 мали хидроелектрични централи во општина Теарце ќе се инвестираат над 22 милиони евра во наредните 2 до 3 години. Градежните активности во кои спаѓа околу 70 проценти од инвестицијата ќе се реализираат од домашните локални компании, со што ќе заживее локалната економија. Секако, очекуваме и нови вработувања, како во фазата на изградба на малите хидроцентрали, така и во фазата на одржување, кога ќе бидат ставени во функција, најави Mинистерот за економија.