Министерката Канческа-Милевска ја посети спомен-куќата на Карпош во Куманово
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ја посети куќата на македонскиот народен херој Христијан Тодоровски-Карпош, која е споменик на културата од 1976 година.
- Владата на Република Македонија и Министерството за култура, почитувајќи го минатото на македонскиот народ и на македонската држава, посветуваат особена грижа и внимание за спомениците на културата и за историските споменици од Народноослободителната војна. Токму затоа, денеска ја посетивме родната спомен-куќа на македонскиот народен херој Карпош, во која е сместена постојана историска поставка од НОБ. Поставката е од особено значење бидејќи содржи разни документи, оружје, фотографии и други експонати од овој период, истакна Канческа-Милевска.
Таа соопшти дека Министерството за култура годинава издвоило средства за целосно преуредување на музејот и за збогатување на историската поставка со нови фотографии, документи и историски предмети.
-Со тоа на дело ја покажуваме грижата за зачувување на спомениците на културата од овој историски период на нашата држава. Верувам дека со новата поставка ќе дадеме должна почит кон минатото и кон сите оние што ги дадоа своите животи за ние да можеме да ја живееме сегашноста, додаде Канческа-Милевска.