Промовирана лабораторија за форензичка токсикологија

На Институт за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија денеска беше промовирана Лабораторија за форензичка токсикологија. На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски и министрите за образование и наука и за здравство Панче Кралев и Никола Тодоров.

Основна дејноста на лабораторијата, како што информира министерот Кралев, е утврдување на евентуално присуство на супстанции штетни по човечкото здравје во биолошки и други сомнителни примероци, како и утврдување на нивната природа, а кога е возможно одредување и на количината на присутната штетна супстанца што е многу значајно за донесување правилен заклучок за природата на настанатото труење.

Вредноста на лабораторијата е 40 милиони денари и е дел од проектот на Владата за опремување лаборатории во високо образовните институции.

- Со ова се покажува дека проектот на Владата за опремување на лабораториите за научно истражувачка дејност, но и применета апликативна дејност продолжува и во иднина и зацртаната бројка од околу 180 лаборатории кои се планирани и побарани од високо образовните институции прв пат ќе бидат овозможено, изјави Кралев по промоцијата.

Тој изрази уверување дека со инсталирање на лабораториите ќе се зголеми научно истражувачката работа, но и оти ќе најдат апликaтивна дејност.

Министерството за образование досега има потпишано 80-тина договори за инсталирање вакви лаборатории во вредност од околу 25 милиони евра.