Пристапен дијалог на високо ниво - Заеднички заклучоци

Пристапен дијалог на високо ниво
Скопје, 9 април 2013 година
Заеднички заклучоци


1.    Премиерот Груевски и комесарот Филе претседаваа на четвртиот Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД), одржан на 9 април. На пленарната седница учествуваа министрите од Владата и, по прв пат, претседавачот и копретседавачот на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕ). Пристапниот дијалог на високо ниво и понатаму претставува значајна поддршка за пристапниот процес на земјата со тоа што фокусот го става врз клучните реформски приоритети.


2.    Овој состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво се одржува во значаен момент – само една недела пред донесувањето на Извештајот на Комисијата, кој го побара Советот во декември 2012 година и во кој ќе биде разгледан напредокот постигнат во контекстот на реформите на ХЛАД, добрососедските односи и мерките преземени  околу решавањето на спорот со името.


3.    На четвртиот состанок беше разгледан напредокот постигнат досега на полето на спроведување на реформите во петте приоритетни области утврдени во Патоказот на Владата. Овие области ја опфаќаат слободата на изразување и на медиумите, владеењето на правото и фундаменталните права, реформата на јавната администрација, изборната реформа и зајакнувањето на пазарната економија.


4.    Општо земено, преземени се дејства во однос на речиси сите цели утврдени во март 2012 година, при што е постигнат значителен напредок и исполнети се неколку од поставените цели. Предизвик за 2013 година е да се одржи динамиката на реформите и да се обезбеди нивно понатамошно и ефикасно спроведување.  


5.    По неодамна одржаните локални избори, комесарот Филе и премиерот Груевски се осврнаа на првичната оценка на ОБСЕ дека изборите биле ефикасни и конкурентни. Тие  ја истакнаа важноста да се спроведат препораките на ОБСЕ/ОДИХР во врска со посочените недостатоци. Работната група за изборите наскоро треба да се состане.


6.    Премиерот Груевски ја потврди заложбата да се продолжи со реформите во петте области на ХЛАД и ги истакна очекувањата за позитивен пролетен Извештај, што ќе доведе до донесување на одлука за почеток на пристапните преговори на советите во јуни.


7.    Комесарот Филе ја повтори и потребата од инклузивен и транспарентен пристап при продолжувањето на реформите, вклучувајќи ги и консултациите со и вклучувањето на Собранието и Националниот совет за евроинтеграции, како и други заинтересирани страни.


8.    Комесарот Филе и премиерот Груевски ја нагласија важноста да се спроведе договорот од 1 март за надминување на политичката криза која настана поради случувањата во Собранието на 24 декември 2012 година. Клучни елементи од договорот, кои треба итно да се разрешат, се формирање на Истражен комитет, постигнување договор за Меморандум за разбирање за заложбата на сите партии кон евроинтегративниот процес и создавање услови и преземање на неопходните мерки за стекнување доверба за продолжување на дијалогот со медиумите.


9.    Комесарот Филе и премиерот Груевски ја нагласија важноста да се одржуваат добрососедски односи со сите соседи и да се надградуваат постојните врски и соработка. Разговорите под покровителство на ОН за договорено и заемно прифатливо решение на проблемот со името треба да продолжат со непрекинат замав. Комесарот Филе и премиерот Груевски го поздравија зајакнувањето на разговорите и изразија надеж дека тековните преговори, предводени од претставникот на Генералниот секретар на ОН, ќе дадат конкретни резултати.