Владата ќе вработи 1.600 лица од социјално загрозени семејства

Прес- конференција на претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски


Почитувани,

Денес промовираме нова мерка, која што е обмислена пред определено време, но заради одржувањето на локалните избори не сакавме да ја промовираме досега, со цел да не се создаде впечаток дека со истата сакаме да придонесеме за нашите позиции.

Со оглед дека се подготвуваат нови измени или закони за администрацијата, каде што критериумите за вработување ќе бидат повисоки, би сакале да ја донесеме оваа мерка претходно за да се овозможи поддршка на лицата за кои се однесува.

Имајќи го предвид Уставното начело за социјална држава, а во насока на решавање на најгорливиот проблем во Република Македонија – невработеноста, особено на најранливите категории на граѓани – Владата на Република Македонија на вчерашната седница ја донесе следната мерка:

Вработување во јавниот сектор на 1.600 невработени лица кои припаѓаат на следните четири категории:

1. Долгорочно невработени лица кои повеќе од 10 години во континуитет се без работа (400 лица)

При вработувањето на оваа категорија на лица, ќе се применуваат следните критериуми:
-    приходи на домаќинството – 40 бода за лице од домаќинство со 0 приходи, пропорционално помалку бодови за лица од домаќинства во кои има приходи (состојба на приходи на 1.1. 2013)
Би сакал да напоменам дека социјалната помош нема да влегува во пресметката за приходи, односно лицата кои примаат социјална помош ќе бидат бодирани како да немаат никаков приход во овој дел
-    години на невработеност – 40 бода за лицата  кои најдолго се невработени, пропорционално помалку бодови за  останатите согласно периодот на невработеност
-    години на стаж потребни за стекнување на услови за пензија – 20 бода за лицата на кои им се потребни најмалку години на стаж за да го исполнат условот за 15 години стаж за пензија

2. Лица од многудетни семејства (400 лица)

При вработувањето на оваа категорија на лица, ќе се применуваат следните критериуми:
-    број на деца во семејството – 40 бода за лицето кое има најмногу деца, пропорционално помалку бодови согласно бројот на деца
-    приходи на домаќинството – 40 бода за лице од домаќинство со 0 приходи, пропорционално помалку бодови за лица од домаќинства во кои има приходи
-    самохрани и еднородителски семејства – 20 бода

3. Самохрани родители и еднородителски семејства (400 лица)

 При вработувањето на оваа категорија на лица, ќе се применуваат следните критериуми:
-    приходи на домаќинството – 50 бода за лице од домаќинство со 0 приходи, пропорционално помалку бодови за лица од домаќинства во кои има приходи
-    број на деца во семејството – 25 бода за лицето кое има најмногу деца, пропорционално помалку бодови согласно бројот на деца
-    години на невработеност – 25 бода за лицето со најмногу години на невработеност, пропорционално бодови за останатите лица

4. Невработени лица од семејства каде нема ниеден вработен (400 лица)

При вработувањето на оваа категорија на лица, ќе се применуваат следните критериуми:
-    приходи на домаќинството – 40 бода за лице од домаќинство со 0 приходи, пропорционално помалку бодови за лица од домаќинства во кои има приходи
-    број на деца во семејството – 40 бода за лицето кое има најмногу деца, пропорционално помалку бодови согласно бројот на деца
-    број на членови во семејството – 20 бода за лицето кое има најмногу членови во семејството, пропорционално помалку бодови за останатите согласно бројот на членови  (состојба на 1.1.2013)

При вработувањето на овие 1.600 лица ќе се примени принципот на еднаква и правична застапеност на заедниците во Република Македонија, согласно Уставот и одредбите на Охридскиот рамковен договор.

Во однос на образовната структура на овие 1.600 лица, ќе се применат процентите на образование на невработените лица во Република Македонија со основно, средно стручно, средно, вишо, високо образование и постдипломски студии.

Со оглед дека се работи за лица кои подолг период не се вработени, во рамките на Агенцијата за вработување предвидени се Програми за нивна дообука, тренинг, преквалификации и доквалификации, со кои ќе се започне веднаш по нивното вработување.

Би сакал да истакнам дека оваа мерка на Владата на Република Македонија се носи имајќи ја предвид тешката социјална положба на луѓето опфатени во овие четири категории, а имајќи предвид дека веднаш потоа ќе следи донесување на новиот Закон за јавна администрација, кој предвидува исклучително високи критериуми за вработување во јавниот сектор, со предност за најквалификуваните и најдобрите според степенот на образование, знаење, стручност и капацитет.

Почитувани, се надевам дека со оваа нова мерка на Владата на Република Македонија и решавање на најголемиот проблем – вработувањето - ќе се помогне и ќе се подобри животот на неколку илјади граѓани кои влегуваат во категоријата на најранливи лица.