Министерот Џафери се сретна со генералот Рихтер од Здружената команда на НАТО во Неапол

Министерот за одбрана Талат Џафери и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-мајор Горанчо Котески, денеска се сретнаа со бригадниот генерал Фолфганг Рихтер, помошник началник на Штабот за цивилно воена соработка во Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол,  Република Италија.

На средбата, соопшти МО, било истакнато обострано задоволство за досегашната соработка и позитивната атмосфера во која активно учествуваат двете страни.

Министерот Џафери ги изнел актуелните моменти од функционирањето со кусо елаборирање на досега извршеното и активностите во рамки на предвидените содржини.

Имплементирањето по основ на долгорочниот план за развој, усовршувањето и адаптацијата на АРМ кон НАТО, како теми биле акцентирани на дел од средбата.

Генералот Рихтер изразил задоволство од напредокот, постигнувањето и го афирмирал личното задоволство од досега сработеното.

- Одите во вистинска насока, а ние сме на располагање за било каква помош и асистирање во делот што сами го одработувате. Постигнавте се што беше возможно и досега предвидено. Цврсто сум убеден дека да не беше надворешно политичкиот спор со вашето уставно име, вие веќе ќе бевте членка на НАТО, истакнал тој.

На средбата началникот на ГШ, генерал-мајор Котески дал кус осврт во делот на оперативната дејност, актуелните моменти и реализацијата на предвидените задачи.

Здружената команда на сојузничките сили на НАТО лоцирана во Неапол, подготвува, планира и извршува воени операции со цел обезбедување на мир, стабилност и територијален интегритет на земјите членки на Алијансата, слобода на морињата и економска заштита низ целокупната зона на одговорност за која што е надлежен врховниот командант на НАТО за операции. НАТО мисијата КФОР на Косово е во надлежност на оваа команда.