Одржан неформалниот министерски состанок на земјите учеснички на ПСЈИЕ

Во рамки на македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, на 10 април 2013 година, во Скопје се одржа неформален министерски состанок на земјите учеснички во Процесот.

На средбата учествуваа министри и високи претставници на министерствата за надворешни работи на земјите учеснички на Процесот, генералниот секретар на Советот за регионална соработка како и претставници на Европската Унија.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија,  Никола Попоски, во  функција на претседавач со Процесот ги информира присутните со досега реализираните приоритети и активности како и очекувањата за време на македонското претседавање. Посебен акцент даде на тематскиот Самит посветен на намалување на ризици од катастрофи и адаптација на климатски промени, тема за која се предвидува зајакната регионална соработка во рамки на Процесот.

Во своето обраќање, Попоски истакна дека  македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, претставува потврда на заложбите на Република Македонија за унапредување на добро соседските односи и интеграција на државите од ЈИЕ во Европските и Евроатланските  структури. Воедно посочи дека европската перспектива на Регионот е движечка сила кон постабилен, побезбеден и просперитетен Регион.  Ја посочи заложбата на Република Македонија за зајакнување на соработката со Регионалниот совет за соработка, што ќе придонесе за успешна имплементација на стратегијата и програмата за работа на Советот за периодот 2014-2016 година. Дополнително, министерот Попоски ги поздрави подготвителните активности за изработка на Стратегија за ЈИЕ 2020 година, која произлегува од потребата за поширока и зајакната соработка на државите од регионот со цел постигнување на долгорочен и стабилен развој на регионот.

На средбата, присутните разменија мислења за актуелните политички состојби во Регионот на ЈИЕ, унапредувањето на добрососедските односи, можностите за продлабочување на регионалната соработка и перспективите за Европската и Евроатланската интеграција на земјите од Регионот.

Беа поздравени досегашните активности на Република Македонија како актуелен претседавач со  Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Притоа, беа искажани убедување дека претстојните  настани на високо ниво, планирани да се одржат во мај и јуни со кои се заокружува македонското претседавање за периодот јуни 2012- јуни 2013 година, успешно ќе бидат реализирани.