Попоски без коментар за предлозите на Нимиц

Медијаторот Метју Нимиц во оваа фаза ни достави определени идеи и размислувања. Во овој момент во интерес на процесот не би коментирал што тоа содржи и какво би било натамошното видување.

Ова денеска го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски одговарајќи на новинарско прашање по обраќањето на неформалниот Министерски состанок на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

На прашање како ја коментира изјавата на бугарскиот премиер Марин Рајков дека поставувањето споменици на бугарски дејци во Скопје е доказ дека сме биле еден народ во минатото и дека треба заеднички да ја прославуваме историјата, рече „имавме многу јасна порака упатена до нашите пријатели во Софија во тој поглед дека она што претпочитаме е да се концентрираме на иднината“.

- Мислам дека тоа е и она што го очекуваат сите наши европски партнери и во тој контекст би го гледал и идниот развој на нашите односи, односно со поголем фокус на тоа што не поврзува во иднината отколку со оптеретување со теми кои веројатно нема да не доведат до нешто што би не приближило во ставовите. Затоа сметам дека доколку разговараме за европска иднина треба и европски да се однесуваме без разлика на статусот кој го имаме на членка или на кандидат. Нашата порака беше за конкретна соработка и за унапредување на таа соработка. Сметам дека на тој начин можеме да имаме најдобар бенефит и во Бугарија и во Македонија. Мислам дека сите оние мерки кои ги презема која било страна треба да се интерпретираат како суверено право на секоја држава и секој треба тоа да го почитува, рече Попоски.

Шефот на македонската дипломатија на новинарско прашање се осврна и на изјавата на српскиот премиер Ивица Дачиќ околу евентулно припојување на северно Косово кон Србија и влијанието врз Македонија.

- Во тој контекст нашиот официјален став е дека дијалогот меѓу Приштина и Белград е тој што треба да произлезе со определни решенија и видувања кои ќе бидат во интерес на целиот регион. Република Македонија и досега и во иднина беше конструктивен актер во надминување на кои било билатерални спорови во рамки на регионот. Сметаме дека тоа треба да ни биде само некаква основа за тоа какви политики ќе креираме во иднина. Не сметам дека треба да ги поврзуваме прашањата на прекугранична основа, потенцира Попоски.

На прашање дали грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос во мај ќе учествува на министерскиот состанок во Охрид, рече дека му била упатена покана.

- Таа покана ја повторувам и таа е отворена покана за кој било грчки претставник на секое ниво да покаже политичка посветеност дека Грција е фактор на стабилност и на просперитет во регионот. Мислам дека Самитот и министерскиот на крајот на мај и почетокот на јуни се добра можност тоа да се потврди, посочи Попоски.

Додаде дека на денешниот неформален министерски состанок на земјите од ПСЈИ во Скопје учествува грчкиот амбасадор Теохарис Лалакос.