Обука за згрижувачките семејства за ризиците што ги демнат децата на интернет

Заштита на децата од згрижувачките семејства за ризиците со кои можат да се соочат со користењето на интернетот има за цел обуката на овие семејства што во рамки на кампањата за безбедност на децата и младите на интернет „Сурфај безбедно“ се одржа денеска во Скопје.

- Наша основна цел е да се обезбеди квалитетна грижа за сите деца во Македонија. И на децата од згрижувачките семејства и на нивните згрижувачи им е неопходно да се информираат за безбедна употреба на интернетот и размена на информации преку интернет, а со тоа и овозможување заштита и намалување на сите можности кои можат да доведат до доведување на нивниот живот и правилен раст и развој во каков и да е ризик, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски кој заедно со заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска присуствуваше на обуката.

Интернетот, додаде тој, е сериозен извор на ризици поради што ние имаме директна комуникација со сите таргет групи што е наш приоритет. Затоа, истакна министерот Ристовски, ќе продолжиме со реализација на сите активности за превенирање на сите форми на злоупотреби на деца.

Заменик-министерката за информатичко општество смета дека користењето на новите технологии овозможува да се создаде еден поотворен, потранспарентен и послободен  свет но, рече, поголемата слобода и отвореност бараат и поголема одговорност.

- Причината поради која денеска сме овде е да го направиме интернетот подобро место за децата и младите, да ги разбереме ризиците и да обезбедиме безбеден пристап, да зборуваме за позитивни и одговорни форми на однесување на инртернет. „Умно, позитивно и одговорно“ е насловот на кампањата чија цел е навреме да се препознат ризиците и да се дадат совети за проактивно справување со нив и да се овозможи превенција, рече  Марта Арсовска-Томовска.

Додаде дека во рамки на кампањата досега во пет градови се одржани над 10 трибини, посетени се над 500 родители, наставници и старатели, изготвени се водичи за безбеден интернет за децата и младите, дистрибуирани се 120 илјади летоци преку печатените медиуми за родители, старатели и наставници, а обезбедени се и 120 илјади лиценци за софтвер за родителска контрола за деца од 5 до 11 години.