Министерот Димовски изврши увид на поплавените земјоделски површини во Пелагонија
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска изврши увид на поплавените земјоделски површини во битолскиот дел на Пелагонија.
Според Димовски, станува збор за елементарна непогода каква што не се случила во последните 50 години во битолскиот дел на Пелагонија, споредувајќи ја со поплавите во овој дел на државата што биле регистрирани во далечната 1962/63 година.
- На 7 април протекот на водата во Црна Река бил 79,50 метри кубни во секунда, а веќе наредниот ден измерен е протек 170 метри кубни во секунда. Тоа се вонредени појави што се случуваат еднаш во 50 години, но благодарение на сите субјекти што се вклучија во одбраната на земјоделските површини спречена е уште поголема штета. Очекуваме хидролошката ситуација да се стабилизира, а веднаш потоа МЗШВ ќе ги испрати своите стручни тимови на терен за да извршат проценка на оштетувањата, истакна министерот.
На средбата со менаџерските тимови и претставници на ЈП Хидросистем „Стрежево“, ЗК „Пелагонија“, ЈП „Битолско поле“, Сојуз на земјоделците на Македонија, како и со градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски, министерот Димовски беше информиран дека во моментов во битолскиот дел на Пелагонија под вода се 2.900 хектари од земјоделските површини, од нив 2.100 хектари се на правните земјоделски капацитети, а 800 хектари на индивудуалните земјоделски производители.
- Како и при првите поплави во источниот дел на Македонија, ќе и предложиме на Владата да изврши соодветно обесштетување на земјоделците што претрпеле штети бидејќи станува збор за вонредни временски неприлики. Веднаш по намалувањето на нивото на водата во река Црна ќе извршиме комплетно скенирање на состојбата и на каналскиот систем во Пелагонија и повеќе од сигурно е дека ќе ја измениме програмата на Управата за водостопанство во текот на летните месеци да има целосно чистење на примарната каналска мрежа, додека за секундарната каналска мрежа ќе се грижи општината, посочи министерот Димовски.
На прес-конференцијата што се одржа на отворено на земјоделските површини во Пелагонија, министерот Димовски најави активирање на казнените мерки за субјектите и лицата кои поради невнимание или негрижа го оштетуваат каналскиот систем за одводнување на земјоделските површини при поројни врнежи и поплави.
- Ќе вршиме изрекување на прекршочни казни, но и кривично гонење за сите што директно или индиректно придонесуваат да се случуваат вакви непријатни работи. Сите сакаме развиено земјоделство и мора да ставиме крај на несовесните појави, предочи Димовски.
На новинарско прашање во врска со увозната „зависност“ на Република Македонија на пченица од други држави, министерот Димовски одговори дека нашата држава има отворен, либерален пазар и дека има поголема потреба од пченица, отколку потреба за брашно.
- Преку увозот на пченица цениме дека ќе го ставиме во кондиција млинскиот сектор, а доколку се продолжи праксата на увоз на брашно тој сектор ќе остане без работа со што ќе се јават економски и социјални проблеми. Патем, секоја пратка пченица што ќе ги задоволува критериумите за безбедност на храна ќе може да се стави во промет, а останатото ќе биде надвор од промет. Во таа смисла ние ќе продолжиме со почитување на законската регулатива и грижата за здравјето на граѓаните-потрошувачи. Млинскиот сектор нема да да дозволиме да биде ставен на колена или некој да го потценува, одговори министерот Димовски.
Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски на средбата со новинарите потврди дека со ангажман на локалната самоуправа спречена е поголема катастрофа од поројниот дожд што падна во Пелагонија, додека пак Вељо Тантаров како претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија истакна дека најголеми штети се предизвикани врз посевите со пченица и очекува владина поддршка за санирање на состојбите во овој регион, бидејќи како што рече Тантаров, ниту една осигурителна компанија досега не покажала интерес за осигурување на земјоделски површини од поплави.