Јанкулоска-Расанен:Отворени иницијативи за продлабочување на соработката во сите области

Фактот што се работи за две пријателски земји кои немаат никакви отворени прашања отвора широко поле за подобрување и продлабочување на соработката во сите области, а наш приоритет е соработката на полето на министерствата за внатрешни работи, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по денешната средба со нејзината колешка од Република Финска, Паиви Расанен, која се наоѓа во прва официјална посета на Република Македонија. 

Според министрите за внатрешни работи на Македонија и на Финска, на денешната средба се отворени бројни иницијативи и предлози за продлабочување на соработката, за искуствата што Финска може да ги понуди посебно во делот на евроинтеграциите, но и за проекти кои би можеле зеднички да се реализираат во областите што се во надлежност на министерствата за внатрешни работи, потоа и одредени едукативни и проекти во делот на менаџирање на миграциските текови.

- Миграциските текови беа една од клучните теми на кои разговаравме  во смисла на проблемите со кои се соочува Република Македонија, но и во смисла на проблемите се соочува ЕУ. Заклучено е дека само со заедничка и координирана активност проблемите кои се појавуваат на овој план може да се решаваат, односно состојбите добро да се контролираат, изјави Јанкулоска.

Разговарано е и за евентуално потпишување на повеќе договори и протоколи за билатерална соработка, а посебно договор за полициска соработка меѓу Македонија и Финска.

Министерката Расанен упати поддршка Република Македонија да продолжи со забрзано спроведување на реформите заради нејзино брзо интегрирање во ЕУ. Финска, посочи таа, е заинтересирана за соработка со Македонија во областите кои ја третираат емиграцијата, азилот, трговијата со луѓе...

- Финска е особено заинтересирана да и помогне на Македонија да ги постигне критериумите кои се потребни да стане полноправна членка на ЕУ. Секако ќе го пренесам ангажирањето на Владата на Финска дека треба да се започнат преговори за пристапувањето на Република Македонија во ЕУ, рече министерката Паиви Расанен, која упати покана до Јанкулоска да ја посети Финска.

Како што информираше министерката Јанкулоска, бројот на регистрирани „лажни азиланти“ од Македонија во Финска е вкупно 15 лица.