Македонија меѓу земјите со најмногу искористени пари од ЕУ за литературни преводи

Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ во Скопје денеска на Семот на книгата ги претставија најуспешните проекти од Програмата на ЕУ Култура 2007-2013 од издавачката дејност. Во изминатите пет години преку европските фондови се поддржани 53 проекти од културата, од кои 27 се за литературни преводи и преведени се над 160 дела на европски автори. 

Проектите од таа програма во земјава се реализираат преку одделот Културно-контактна точка во Министерството за култура, а книжевните биле спроведени од 12 македонски издавачи.  Заедно со Словенија и Хрватска, Македонија е лидер во користењето на европските пари  за литературни преводи и преку програмата Култура 2007-2013 има обезбедено околу 800.000 евра. Бројот на преведени дела ќе биде поголем зашто се очекува објавувањето на последните резултати од програмата за проектите аплицирани минатата година.

- Министерството за култура многу посветено се вклучи во имплементацијата на програмата Култура 2007-2013, преку кофинансирање на одобрените проекти, како и континуирана реализација на инфоденови преку кои ги анимиравме културните оператори да аплицираат за грант од оваа програма. Бенефитот од нашата работа е видлив - голем број издавачки куќи беа поттикнати да аплицираат и да добијат средства од оваа програма, поточно книжевниот сектор и издавачката фела во Република Македонија покажаа исклучителни резултати во реализацијата на Култура 2007-2013, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Евроамбасадорот Аиво Орав рече дека податокот што толкав број книги се преведени со поддршка на ЕУ го прави многу горд, додавајќи дека литературата ги обединува културите. - Со овој успех поставивме цел за младите преведувачи, истакна Орав, кој во обраќањето ја најави и новата програма за култура на ЕУ Креативна Европа 2014-2020 за која очекува голем број културни оператори успешно да аплицираат.

На настанот беше промовирана и брошура посветена на програмата Култура 2007-2013, а еден нејзин дел се однесува на  новата програма „Креативна Европа“, со цел да ги информира и охрабри издавачите да се пријавуваат за книжевни преводи. На штандот на Министерството за култура на Скопски саем беше организирана и дискусија на тема „Европската литература - денес и утре“.