Доделени првите лиценци за ревизија
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска ги додели првите 40 лиценци за ревизија.
- Квалитетното финансиско известување е темел на функционалното пазарно стопанство и основа за здрав финансиски систем. Затоа во Република Македонија ревизијата мора да се врши согласно највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики со што ќе ги минимизираме потенцијалните ризици и ќе привлечеме нови инвеститори, рече Ставрески во обраќањето пред доделувањето на лиценците.
Ревизорската професија во Македонија постои 15 години. Од донесувањето на првиот закон за ревизија во 1997 година до денес професијата се афирмираше со стручноста и компетентноста. Во 2010 година донесен е нов Закон усогласен со ЕУ-директивите.
Според новата правна рамка формираниот Совет за унапредување и надзор на ревизијата, кој функционираше во рамки на Министерството за финансии, прерасна во самостојно и независно тело со овластување да врши надзор над работата на Институтот на овластени ревизори и на друштвата за ревизија. Советот воедно издава лиценци за овластени ревизори и друштва за ревизија.
- Министерството за финансии останува отворено за натамошна соработка со цел стручно, транспарентно, професионално и одговорно вршење на ревизијата, нагласи Ставрески.
Направена е, рече, анализа на домашното законодавство и подготвени се измени на Законот за ревизија чија цел е да се подигнат стандардите за лицата кои спроведуваат контрола на квалитетот кај друштвата за ревизија, да се зајакне одговорноста за штети на трети лица при вршење на ревизијата и да се уредат дисциплинските мерки кон овластените ревизори и ревизорските друштва кои постапуваат спротивно или не ги почитуваат стандардите и прописите за ревизија.
Законот е доставен до Институтот на овластени ревизори и Советот од каде се добиени стручни и издржани забелешки и коментари кои ќе се имаат предвид при дефинирањето на текстот.