Груевски и Ал-Тани ги разгледаа можностите за катарски инвестиции во Македонија

Натамошно унапредување на билатералните релации меѓу Република Македонија и државата Катар со акцент на економските односи и можноста за директни катарски инвестиции во македонското стопанство беа главна тема на денешната средба во Скопје на премиерите на двете земји Никола Груевски и шеикот Хамад бин Џасим бин Џабир Ал-Тани.

- Република Македонија и државата Катар се пријателски земји и оваа наша средба е уште една потврда за успешниот нагорен тренд и развојот на севкупните односи. Тоа претставува продолжување на дијалогот на највисоко политичко ниво,изјави Груевски по средбата.

- На Катарската делегација и беа претставени реформите во економската сфера кои ги спроведува Владата и постигнатите резултати кои нудат опкружување за отворање и развој на доходовен бизнис, како и поволностите што нашата држава ги нуди за потенцијалните странски инвеститори, тргнувајќи од фактот дека Македонија е високо рангирана од страна на најпознатите финансиски меѓународни институции во однос на добрата бизнис клима и условите за правење бизнис, нагласи Груевски.

Средбата додаде ќе придонесе во интензивирањето на контактите и за посилна динамика во постапувањето по конкретни проекти од економската сфера и влегувањето во понапредни фази од разгледувањето на опциите од кои интерес ќе имаат и двете страни.

Отворањето Амбасада на државата Катар во Скопје, Груевски очекува дека ќе даде голем импулс во унапредување на соработката меѓу двете пријателски земји особено на економски план.

Претставници на двете земји потпишаа меморнадуми за соработка во областа на здравството и меѓу стопанските комори.

- Со Меморандумот  од областа на здравството се отвора сериозен простор за соработка во областа на медицината на највисоко ниво, размена на кадар, искуства, технологии и методи. Меморандумот за соработка меѓу стопанските комори ќе придонесе да се воспостават продлабочени и диркетни контакти во приватниот сектор и да се интензивира и зголеми економската соработка. Двете влади го отворија просторот за поцврст ангажман и соработка на приватната иницијатива и ширење на бизнисите, оцени Груевски.

Катарскиот премиер и министер за надворешни работи Ал-Тани изјави дека со македонскиот колега разговарале за четири- пет идеи за кои во јануари претстојувал нивни тим и ги разгледал можностите за нивен развој.

- Договорите што беа потпишани денеска и претходно покажуваат дека воспоставуваме солидна основа за соработката меѓу Катар и Македонија  во однос на инвестициите, земјоделството, хидроенергетската област, образованието и во високата технологија. Големината на двете земји е речиси иста и може многу добро меѓусебно да се разбереме. Охрабрени сме од реформите што се спроведуваат тука во Македонија и од подобрувањето на бизнис опкружувањето, кое е вистинското за започнување бизнис, рече Ал-Тани.

Оваа е возвратна посета на претседателот на Владата и министер за надворешни работи на државата Катар шеик Хамад бин Џасим бин Џабир Ал-Тани откако македонска владина делегација минатата година претстојуваше во Катар предводена од премиерот Груевски и економски ја претстави земјата пред бизнис секторот на таа земја.