Усвоена заедничка декларација на земјите членки на ЦЕИ во Будимпешта

Одржливото земјоделство, безбедност на храна и обезбедување храна и животна средина во која може да се живее се трите актуелни области за кои денеска во Будимпешта дебатираа учесниците на Министерскиот состанок на земјите членки на Централно европската инцијатива.

На состанокот во Унгарија која е актуелен претседавач со иницијативата, а каде Македонија ја претставуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Љупчо Димовски, усвоена е и заедничката декларација со која земјите на ЦЕИ се обврзаа да ја продлабочат регионалната соработка преку спроведување на конкретни проекти за одржлив развој.  

- Теоретскиот пристап и практичната примена на одржливоста мора да се изгради врз предвидлива рамнотежа на економските, еколошките и социјалните аспекти. Ова исто така значи дека одговорноста треба да се дели еднакво и праведно во временскиот и географскиот обем, помеѓу генерациите на производители и потрошувачи во глобалните региони, стои во декларацијата. 

Како што се наведува во соопштението од Министерството за замјоделство по повод декларацијата, постигната е согласност и за соработка во областа на истражувањето на одржливото земјоделство и производство на храна и споделување на добрите практики, како и создавање и споделување на колективна база на знаењасо цел земјите конзистентно и во синергија да одговорат на ефикасен начин на предизвиците за користењето на ресурсите кои се намалуваат.

Во врска со преработката на храна, министрите заклучија дека приоритет е да се зголеми уделот на прехранбени производи кои претставуваат голема додадена вредност и да се зајакне нивната продажба со скратување на синџирите за снабдување со храна. За локалното производство е потенцирано дека е од клучно значење во обезбедувањето храна и исхрана за сите и за развој на зелената економија, вклучувајќи го одржливото земјоделство.

- Тоа особено може да им помогне на локалните земјоделци во руралните области, со што ќе се ревитализира животот во руралните средини, како и малите и средните претпријатија, каде што креативноста и имплементација на иновации - во комбинација со употребата на локалното знаење и локалните ресурси - можат да го зголемат бизнисот. Потрошувачката на локални производи значи намалување на потребите од транспорт, пониски трошоци за енергенси и загадување; затоа, исто така е од суштинско значење да се промовираат нови модели на потрошувачка, се вели во соопштението.

Во усвоениот документ е нагласена и важноста за развој на технологии за алтернативни енергенси, како геотермалната енергија, сончевата енергија, ветерот и биомасата, и особено на потребата од проширување на знаењето за одржливо користење на ресурсите и одржлив начин на живот во целина.

- Неодржливите практики, како што се прекумерната потрошувачка на природните ресурси, загадувањето на животната средина и деградацијата на природните живеалишта, го загрозуваат квалитетот на животот на сегашните и идните генерации, стои во декларацијата.

Централно европската иницијатива – ЦЕИ е меѓувладин форум кој ја промовира политичката, економската и културната соработка меѓу нејзините земји членки, а чија основна мисија е регионалната соработка за европска интеграција. Дел од иницијативата во која членуваат 18 земји се и Македонија, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Молдавија, Словачка, Чешка, Полска, Австрија  и Унгарија.

Претседателството со Централно европската иницијатива за наредната година го превзема Австрија.