Владата овозможува меѓународни стипендии за фини уметности и бесплатно дооформување на средното образование

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев    


Почитувани,

На минатата седница Владата на Република Македонија донесе две нови мерки од областа на образованието со кои значително се зголемуваат можностите за квалитетно оформување на образованието на граѓаните, односно се даваат финансиски средства за студирање на најреномираните универзитети и специјализирани школи од областа на фините уметности (студии за филм, студии за музика, студии за ликовна уметност) во странство, и се укинуваат трошоците за учење средно образование во државата за лицата кои го немаат дооформено своето средно образование.

Прво, Владата одлучи во идниот период да дава стипендија за студентите кои ќе успеат да се запишат на еден од најреномираните светски меѓународни универзитети или специјализирани школи од областа на фините уметности (fine arts) кои опфаќаат студии за филм, студии за музика и студии за ликовни уметности. Ова значи дека Владата ќе го финансира целокупното студирање на лицата кои ќе успеат да се запишат на овие универзитети или специјализирани школи, односно стипендијата ќе биде полна и ќе ги опфаќа трошоците за партиципација за студирање (школарина) и трошоците за живот на студентот.

Студентите кои ќе ја добијат оваа стипендија ќе имаат обврска по завршувањето на нивните студии да работат во Република Македонија во временски период кој е двојно поголем во однос на времето кое тие го поминале за студии и завршување на нивното образование на меѓународниот реномиран универзитет или специјализирана школа за која добиле стипендија од Владата.

Во текот на следната недела Mинистерството за образование и наука ќе ја објави конкретната листа на меѓународни реномирани универзитети и специјализирани школи од областа на фините уметности (филм, музика, ликовни уметности) за кои ќе важи овој вид на стипендија, како и потесните критериуми и процедури за аплицирање за добивање на стипендијата од страна на студентите.
Ова е извонредна можност студентите да аплицираат да се запишат на овие универзитети или специјализирани школи, и да аплицираат за стипендии, и на тој начин без никаков свој трошок да може да стекнат образование по најсовремените наставни меѓународни програми и од страна на реномирани професори, меѓу кои и реномирани режисери, композитори, ликовни уметници, кои предаваат на овие универзитети и специјализирани школи.

Во следниот период, по објавувањето на листата ќе биде распишан и оглас за аплицирање за стипендии.

Второ, врз основа на барања и на идеи на граѓаните кои беа доставени до Владата и до Претседателот на Владата, на минатата седница Владата одлучи од следната учебна 2013/2014 година да биде бесплатно дооформувањето на средното образование за лицата кои го немаат дооформено истото.

Ова важи за два познати случаи во практиката.

Првиот е кога едно лице има завршено само тригодишно средно образование, и сака да ја заврши и четвртата година од средното образование. Досега за да се запише и заврши четвртата година од средното образование лицата плаќаа 2500 денари годишна партиципација, и по 300 денари за полагање на општообразовниот испит и по 1000 денари за полагање на секој стручен испит. Од следната учебна година овие лица ќе немаат веќе никаков трошок, затоа што оваа можност ќе биде бесплатна за нив.

Вториот случај е кога едно лице има завршено само основно образование, а нема завршено средно образование. Досега овие лица за да се запишат и да го завршат целокупниот циклус на средно четиригодишно образование, во зависност од насоката, природата и атрактивноста на училиштето во кое се запишуваа, требаа да уплатат на годишно ниво од 1000 денари до 8000 денари годишна партиципација (варира од училиште до училиште), и од 300 денари до 1200 денари партиципација за полагање на општообразовен испит и од 400 денари до 1800 денари за полагање на секој стручен испит (варираат од училиште до училиште). Од следната година и овие лица нема да имаат обврска да плаќаат никакви издатоци, затоа што ќе може бесплатно да учат средно образование.

Во двата случаи се работи за просечна бројка помеѓу 2000-3000 лица на годишно ниво (во учебната 2012/2013 година бројката е 2445 лица), со возрасна структура на лица кои во најголем број имаат помеѓу 20 и 35 години.
Затоа што овој вид на образование во иднина ќе биде бесплатен, и затоа што граѓаните нема да плаќаат средства на училиштата, а за да не бидат оштетени училиштата кои по овој основ прибираа средства за вршење на оваа настава, Владата зазема став целокупниот квантум на средства кои училиштата го добиваа по овој основ од учениците, да биде покриен од страна на Министерството за образование и наука врз основа на посебна разработена методологија за префрлање на средства од Министерството кон училиштата по овој основ.

Со оваа мерка се дава сериозна поддршка за голем број на лица да го дооформат или завршат своето средно образование, и ова е директно прифаќање на идеја и барање од граѓаните.

И во идниот период Владата ќе продолжи со мерки и активности за развој на образованието и поддршка на можностите за граѓаните.