Премиерот Груевски со економски владин тим во посета на Азербејџан

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, кој ја предводи владината делегација во чиј состав се заменикот на претседателот на Владата, г-дин Владимир Пешевски, министерот за привлекување на странски инвестиции, г-дин Бил Павлески, и заменикот министер за економија, г-дин Христијан Делев, денеска (петок, 19 април 2013 година)  ќе престојува во политичко-економска посета на Република Азербејџан.


Во рамки на работната посета, премиерот Никола Груевски ќе оствари средба со претседателот на Република Азербејџан г-дин  Илхам Алиев.
Премиерот Никола Груевски ќе оствари средба и со премиерот на Република Азербејџан, г-дин Артур Раси-заде.


По средбата ќе се одржи пленарен состанок на официјалните претставници од двете владини делегации, по што ќе следи потпишување на договри кои се од сферата на даночната политика, со цел даночно олеснување и одбегнување на двојното оданочување, а во насока на интензивирање на економските односи меѓу двете држави и создавање на услови за непречено одвивање на бизнис економските релации.


Посебен аспект на посетата преставува економскиот дел, во рамки на кој владината делегација, предводена од премиерот Груевски, ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум кој ќе се одржи во соработка на АЗПРОМО (AZPROMO), која е јавно приватна иницијатива основана од Министерството за економија и развој на Република Азербејџан чија основна цел е јакнењето на инвестициските можности и капацитети. Пред присутните претставници на бизнис заедницата од Република Азербејџан ќе бидат презентирани предностите кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори и поволностите кои се овозможуваат за отворање и водење бизнис.