Нови 1.800 вработувања од социјални семејства со владина поддршка

Текст од прес-конференцијата на портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев за Програмата за субвенционирање на вработување на лица на возраст помеѓу 19 и 29 години кои потекнуваат од семејства корисници на социјална помош


Почитувани,

Владата на Република Македонија димензионираше и формулираше нова програма за поддршка на вработувањето, која што претставува квантитативно и квалитативно надополнување на Оперативниот план за активни мерки за вработување кој беше промовиран претходно.

Оваа нова Програма во својата суштина значи субвенционирање на вработувањето на млади лица на возраст помеѓу 19 и 29 години кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, односно од семејства кои се корисници на социјална парична помош. Приоритет за поддршка при субвенционирањето на вработувањето ќе имаат лицата кои во текот на оформувањето на своето средно образование го користеле Условниот паричен трансфер кој им го овозможувала Владата во висина од 12 000 денари на годишно ниво, но Програмата ќе важи и за оние кои не го користеле трансферот, а имаат помеѓу 19 и 29 години и потекнуваат од семејства кои се корисници на социјална парична помош.


Предвидениот износ на субвенција кој ќе го обезбеди државата  изнесува 14 000 денари бруто плата по вработен месечно, која ќе се исплаќа на нововработеното лице во период од 6 месеци, како и 3 000 денари месечно кои ќе се исплаќаат на фирмата која ќе го ангажира лицето, за истиот период од 6 месеци, како надомест за трошокот за обука за ново вработеното лице.


По завршувањето на шесте месеци за кои трошоците на новото вработување паѓаат на товар на државата, фирмата има обврска работникот да го задржи на работа уште најмалку 6 месеци, за што претходно ќе потпише договор со Агенцијата за вработување.


За имплементација на оваа програма Владата има наменето околу 3 милиони  евра, во тек на првите три години на нејзината предвидена имплементација, што значи обезбедување на можности за работа за околу 1500 до 1800 лица, или на годишно ниво помеѓу 500 и 600 лица, се разбира во зависност од интересот на лицата кои бараат работа и работодавците.


Мерката ќе се имплементира на ниво на целата држава, а за нејзина имплементација ќе бидат задолжени подрачните канцеларии на Агенцијата за вработување и Центрите за социјална работа.


На оперативно ниво, мерката ќе биде имплементирана на следниот начин. Во првата половина на месец мај Агенцијата за вработување ќе објави јавен оглас на кој што сите заинтересирани работодавачи ќе може да истакнат барање и да ги пријават своите потреби за кадар кој им е потребен, квалификации на кадар, негови знаења и вештини. Ќе може да аплицираат сите работодавачи кои ги имаат подмирено обврските кон државата, за кое што докажување тие нема да имаат обврска да поднесуваат документација бидејќи со новиот софтвер Агенцијата за вработување ќе го провери тој податок по службена должност по електронски пат. На тој јавен оглас ќе може да аплицираат и лицата кои бараат работа, а се од претходно наведената целна група на граѓани. Агенцијата за вработување ќе направи адекватно поврзување на барањата на фирмите за нови вработувања преку оваа мерка со лицата кои аплицирале за работа, но и со лицата кои ги има во својата евиденција во однос на оваа целна група на граѓани. Финалниот избор ќе биде оставен на фирмите работодавачи, по што ќе се уредат односите за вработување со договор.


Во понатамошниот тек на секои два месеца, Агенцијата за вработување ќе распишува вакви јавни огласи со што ќе даде континуитет на процесот и на можностите.
Ова е добра можност и конкретна поддршка за вработување на оваа категорија на граѓани, и добра поддршка за фирмите кои ќе можат да користат државна помош за вработување на нов кадар во првите 6 месеци по вработувањето, и ги повикуваме и работодавците и лицата кои што бараат работа да ја искористат можноста што ќе биде во интерес на целото општество.


И во идниот период Владата ќе продолжи да спроведува мерки и активности за зголемување на вработувањето.